Македонија
Јанушев: Итна лидерска средба за името, Заев да каже кои се опциите што ги договорил со Ципрас
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека изминатите денови неколкупати јавно побарале од премиерот Заев одржување лидерска средба во врска со името, но дека нема никаков одговор.
„Шест дена ВМРО-ДПМНЕ од оваа неодговорна Влада бара лидерска средба. Шест дена се доволни и за усогласување и на термините со лидерите и доволен период Заев да ѝ објасни на јавноста што се случува со преговорите за името. Очигледно се работи за нешто сосема друго и Владата се обидува нешто да скрие од јавноста! Но она што можеше да се види изминативе денови е нескриениот отпимизам од грчка страна и тврдењата на Заев дека имало некакви креативни решенија, без да соопшти за што станува збор. Заев кажа дека биле утврдени некакви опции што би можеле да бидат прифатливи. Кои се тие опции, дали тоа значи дека веќе се договориле? Или тоа значи дека сè што грчката страна побарала, Заев се согласил? Дали тоа значат преговори за Заев?“ прашува генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Во речникот на Заев, како што оценува Јанушев, повеќе никаде не може да се чуе предизборниот став за непромена на Уставот и референдум за решение за името, кое би било прифатливо и за кое би требало да се произнесат граѓаните на Република Македонија.
„Оттука, нејасно е дали ова е сè уште став на СДСМ и Зоран Заев што го ветуваа предизборно пред граѓаните? Очигледно се купува време и се наметнува впечатокот дека се работи за решение што би било договорено и подоцна целокупната јавност и граѓани би биле ставени пред свршен чин. Во меѓувреме главниот брифер на информации во Македонија се грчките медиуми. Потсетуваме дека Зоран Заев нема никаков монопол, никакво суверено право над ова прашање, особено не да одлучува во името на сите граѓани и сите политички субјекти за најважното прашање за сите Македонци. Зоран Заев не смее да ја узурпира добиената позиција и да наметнува решенија за кои јавноста не е информирана“, вели Јанушев.
Тој додава дека за да се оттргнат сите сомнежи и да се види што е тоа што го кријат Заев и СДСМ, бараат уште еднаш итна и неодложна лидерска средба, каде што, освен носителите на преговарачкиот процес, премиерот Заев и министерот за надворешни работи, Димитров, би учествувале лидерите на политичките партии и претседателот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.