Македонија
Јаоски: Ќе бидам градоначалник за сите
Кандидатот на ДУИ за градоначалник на Пласница, Алија Јаоски, пред партиското седиште рече дека ќе работи 24 часа и ќе биде градоначалник за сите. Тој посочи дека ќе се посвети на инфраструктурата, но и на вработување на граѓаните за да не одат во европските држави.
„Да им се заблагодарам на гласачите кои најдоа можност и начин, излегоа масовно, гласаа и го дадоа гласот на вистински човек. Функцијата градоначалник ќе ја извршувам чесно. Ќе продолжам онаму каде застана претходниот градоначалник со проектите, да ги дореализирам, за овие десет месеци. Ќе бидам градоначалник за сите, ќе работам 24 часа во Општина Пласница. Во оваа општина е доста направено, а јас тоа ќе го продолжам. Приоритетот ќе биде инфраструктурата и вработувањето на граѓаните, што е можно и неможно, да ги задржиме тука за да не одат во европските држави“, рече Јаоски.
Крешник Бектеши од ДУИ кој изборниот ден го помина во Пласница, посочи дека над 85 отсто од жителите довербата ја дале на Јаовски. Според него, ова е знак дека ДУИ ќе издвојува победи и на редовните локални избори за десет месеци, како што рече, од Струга до Липково.
„Имавме одличен ден во Пласница, каде жителите на ова многу важна општина го кажаа својот став. Доверба, над 85 отсто од нив му дадоа на кандидатот од ДУИ, Алија Јаоски. Ова е одличен знак и е почеток, но и потврда на политиките на Али Ахмети, политиките на ДУИ, која е најорганизирана политичка партија во Северна Македонија. Оваа победа е знак и за претстојните локални избори кои ги имаме наредната година, каде што ДУИ очекува да победи во сите општини, почнувајќи од Струга до Липково. Јаовски се кандидираше со конкретна програма, а во периодот до локалните избори, ќе ја реализираме за да го подобриме животот на жителите. Честитки за жителите на општината. За првпат имаме и пратеник од оваа општина, што покажува дека ДУИ ги обединува сите етнички заедници“, рече Крешник Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

