Македонија
Јаулески: Ова реконструкција на Владата е спас таа да опстане ден повеќе
Пратеникот Јован Јаулески на денешната собраниска седница зборуваше за реконструкција на власта, каде што потенцира дека ова реконструкција е спас за Владата, која стои на стаклени нозе и се бори да опстане ден повеќе.
„Трагикомичната претстава под режија на власта за реконструкција на Владата продолжува и денеска. Она што тие го викаат реконструкција кај народот е познато како уште еден обид за спас на Владата, која стои на стаклени нозе и грчевито се бори да купи ден повеќе бидејќи во истиот момент кога ќе падне, ќе треба да се соочат со правдата“, рече Јаулески.
Пратеникот во текот на своето обраќање се осврна на Артан Груби и му порача дека треба да му е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не може да биде заложник на никого.
„Она што ми боди очи деновиве кога трае овој циркус е глупавите изјави на Артан Груби дека ВМРО-ДПМНЕ е заложник на Левицата и е криминална структура. Премиере, не Ковачевски, туку Груби, бидејќи Ковачевски е само маскота што треба да потпишува она што сака ДУИ. Господине Груби, прво што треба да ти е јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да биде заложник на никого и токму тоа е она што ве вади од кожа, што не можете да ја контролирате ВМРО-ДПМНЕ како СДС и токму тоа е она што ви ги меша плановите за менување на Уставот. Тоа ве вади од кожа, ве тера да се чувствувате поразено и да не можете да го истерате она за што се дале ветување таму горе, кај оние што ве контролираат“, потенцира Јаулески.
Тој јасно посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема во никој случај да гласа за уставните измени.
„Ниту во најлудиот сон ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот“, потенцира Јаулески.
Пратеникот Јаулески на крајот порача: „Македонија и македонските граѓани се повеќе од 20 години заложници од страна на вашите криминални структури. Заложници се и Албанците и покрај тоа што сте полна сала“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

