Македонија
Јовев одговори на понудата од министерот кој го разреши, јавноста не стивнува со реакции
По разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиохирургија, Сашко Јовев, јавноста не стивнува со коментари и изразување на поддршка на социјалните мрежи.
Истакнати личности од општествениот живот во државата реагираат и со негодување гледаат на чинот на министерот за здравство Фатмир Меџити, кој вчера реши да го разреши Јовев, а денеска му понуди да му биде национален советник за кардиохирургија.
„Да го разрешиш кардиохирургот Јовев, човекот што го предводеше тимот за прва трансплантација на срце во земјава, заради банална причина е навреда за здравиот разум. Затоа мислам дека за сите нас како граѓани најдобро е ваквата одлука веднаш да се поништи“, напиша на социјалните мрежи истакнатиот економист, Зоран Јовановски.
Професорот Нико Беќаровски во објава на својот статус дополнува дека „Организационите директори на Клиниките беа “измислени” во септември 2007 година, од тогашниот Министер Имер Селмани и тогашниот Премиер Никола Груевски, за наводно да ги водат сите технички работи по Клиниките и со својот врзан потпис да спречат било какви финансиски малверзации на стручните директори, а во пракса се сведе на вдомување на репрезентативните партиски лепачи на плакати“, пишува тој.
„Пропустите на УК Кардиохирургија, барем тие кои јавно ги слушнавме се исклучиво организациони и финансиски и повеќе од нормално е прво да биде разрешен Организациониот директор, а дури потоа Стручниот директор проф. д-р. Сашко Јовев.
Затоа уште еден апел, веднаш интегрирајте го клинички центар во еден правен субјект, поставете два директори (стручен и финансиски) за цел КЦ по избор на Владата, а на сите 32 организациони единици (Клиники и Институти) дозволете им сами да одберат Стручни Раководители од редот на професорскиот кадар кој го имаат, а за прием на нов персонал да одлучува исклучиво Стручниот колегиум на секоја Клиника.
Само така КЦ може да има стручно-научен прогрес, пациентите врвна здравствена заштита. Се друго е импровизација“, појаснува во напишаното професорот.
„На секое раководно место мора да биде поставен поглуп, понеспособен и понепрофесионален кадар од министерот.
Ова станува се потешка задача затоа што за министри доаѓаат најглупите, најнеспособните и најнепрофесионалните кадри кои може да се ископаат од тињата во државата.
Недостатокот ќе биде надоместен со кадри кои доаѓаат од свежо отворените факултети за штањцање дипломи“, реагира Мирјана Најчевска.
И доктор Ненад Лазаров со став: „Не се брани неодбранливо, очигледно е дека се работи за еготрип.
Министер, најдобронамерно, повлечи ја одлуката со време и смали штета, не си у право, људски е да згрешиш уште повеќе е људски да се поправиш“, напиша тој на социјалните мрежи.
Јовев, кој вчера беше разрешен од позицијата директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, истакна дека министерот нему лично не му се обратил во врска со денешната понуда, но потенцира дека, себе си се гледа во Клиниката, заедно со неговиот тим, со кој ќе постигнуваат уште поголеми успеси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

