Македонија
(Видео) Јовески за несреќата кај Ласкарци: Возачот на автобусот добива закани, засега не е утврдена одговорност
Обвинителството сè уште нема податоци дали и кој ја има одговорноста за сообраќајната несреќа кај Ласкарци каде што загинаа 15 луѓе, соопшти јавниот обвинител Љубомир Јовески. Од обвинителството велат дека возачот на автобусот бил цел на следење и добивал закани по живот.
„Постои сознание во обвинителството дека возачот добивал закани по живот. Апелирам да се почитува пресумцијата на невиност, особено во делот на заканите кон возачот. Обвинителството сè уште не може да ја посочи вината кај некое лице. Преземени се повеќе мерки за утврдување на причините за несреќата. Се вршат вештачења. Откако обвинителството ќе ги има доказите, ќе соопшти кои се причините и евентуалната одговорност на сторителите на кривичното дело. Се сослушуваат сведоци. Нема податоци кој ја има одговорноста за несреќата“, вели обвинителот Јовески.
Според Јовески, обвинителството не ги добило сите материјали кои биле побарани од компанијата „Дурмо турс“ во чија сопственост беше патничкиот автобус. Тој додаде дека возачот на автобусот е еднаш сослушан, а ако треба, повторно ќе го повикаат. Јовески повика да се почитува пресумцијата на невиност, а пријавите за говор на омраза кои се поднесени од МВР сè уште се разгледуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

