Македонија
Јовески со шефот на Мисијата на ОБСЕ: Силно веруваме дека независните јавни обвинители се клучни за системот на правда
Досегашната и идната соработка во насока на подобрување на состојбите и зајакнување на капацитетите на Јавното обвинителство беше во фокусот на средбата меѓу јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал.
Јовески го запозна Вал со состојбите во Јавното обвинителството и со активностите што се преземаат во насока на јакнење на довербата и транспарентноста.
„Ние силно веруваме дека независни јавни обвинители, кои се придржуваат кон принципите на ефикасност, еднаквост на оружјата и непристрасност при кривичниот прогон, се клучни за функционирањето на системот на правда“, истакна Вал.
Како одлична беше оценета досегашната соработка, особено во мониторингот на Мисијата на ОБСЕ во судските предмети поврзани со корупција. „Меѓутоа, корупцијата не се сузбива само со репресивни мерки, потребно е и превентивно да се дејствува“, нагласи Јовески.
Притоа двајцата соговорници се согласија Јавното обвинителство и Мисијата на ОБСЕ во Скопје да ги продолжат меѓусебните консултации, чија цел е да се изнајдат нови модели за соработка и за зајакнување на јавнообвинителскиот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.
Македонија
(Фото+видео) „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ – марш за загинатите во кочанската дискотека
Илјадници граѓани и родителите на жртвите од Кочани денеска маршираа во Скопје. Побараа правда и одговорност.
Маршот во организација на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“ почна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, продолжи кон Собранието на Македонија, а заврши пред Основниот кривичен суд.
Се движеа носејќи фотографии од загинатите и транспаренти на кои пишуваше: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“, „Ние изгубивме, вие се уште имате за што да се борите“…


Сопругата на пејачот Андреј од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
„Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска.


Судењето за пожарот во Кочани почнува во среда. Предвидено е неделно да се одржуваат по најмалку две рочишта. Обвинителство распореди 15-мина обвинители кои ќе настапуваат во тимови. Ќе им се суди на сопствениот на дискотеката, фирмата за обезбедување, тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Обвинети се за пожарот во Пулс каде загина 63 лица, а над 200 беа повредени.

