Македонија
Љутков: Велосипедската рута „Транс Динарика“ е збогатување на македонската туристичка понуда
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, на промоцијата на велосипедската рута „Транс Динарика“ истакна дека Министерството за култура и туризам во овој проект препознава одлична можност за промоција на рекреативниот туризам, историските локалитети, природната убавина и разновидните искуства на местата низ кои поминува рутата, но и зацврстување на локалната економија, создавање можности за вработување и поттикнување на културната размена.
„Оваа рута овозможува запознавање со прекрасните пејзажи на земјите од Западен Балкан, со разните традиции, со храната и приказните од овој регион. Многу посетители, за кои е достапна и детаљна дигитална навигација, првпат може да поминат низ локалитетите, селата и националните паркови на УНЕСКО“, рече министерот Љутков, кој изрази уверување дека пред нас се уште многу заеднички иницијативи во секторот туризам, со кои ќе покажуваме дека само обединети можеме да го претставиме Западен Балкан како атрактивна туристичка и културна дестинација.
Потенцирајќи дека првпат од осамостојувањето на државава, Владата во својот состав има Министерство за култура и туризам, односно кон секторот култура го интегрираме и секторот туризам, Љутков истакна дека оваа Влада во туризмот препозна важен столб за промоција на културното и природното наследство што го поседуваме, но и фактор за раст и развој на националната економија.
„Нашите заложби се квалитетни политики, мерки и проекти, кои имаат цел унапредување на туристичката инфраструктура на нашата држава како примамлива туристичка дестинација за странски посетители“, рече министерот за култура и туризам додавајќи дека ваквите настани и меѓународни проекти се од голема полза за стекнување нови искуства и добри практики за развивање разни сегменти од туризмот.
„Верувам дека македонскиот туризам, како и туризмот во регионот на Западен Балкан, има светла и обединета иднина. Владата и Министерството за култура и туризам се отворени за соработка во проектите што го развиваат одржливиот туризам, со почитување на животната средина и локалните заедници. Како министер за култура и туризам ќе направам сè што е во наша надлежност за потенцијалите на оваа рута и во иднина да се развиваат“, рече министерот Љутков додавајќи дека ние сме мала земја, која може да понуди многу, а оваа патека е вистинско збогатување на туристичката понуда.
На промотивниот настан се обратија и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, и програмскиот менаџер на програмата „Рекономи“, Пауло Родригез.
Велоспедската рута „Транс Динарика“ е проект на регионалната програма „Рекономи“ (Reconomy), финансиски поддржана од Шведската меѓународна агенција за развојна соработка, спроведена и управувана од швајцарската меѓународна развојна организација Helvetas, во земјите од Источна Европа и од Западен Балкан. Рутата овозможува возење велосипед 5.000 километри во шест земји од Западен Балкан, вклучително и 605 километри во нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

