Македонија
Љутков: Со регионална соработка против недозволената трговија со културни добра
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска се обрати на настанот посветен на борбата против недозволената трговија со културното наследство во Западен Балкан, во организација на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција и на неговата канцеларија „Антена“ во Сараево.
„Недозволената трговија со културни добра е глобален проблем кој бара глобален одговор, но исто така бара и силна регионална соработка, особено во Западен Балкан, каде што културното наследство е богато и разновидно. Затоа, неопходно е сите земји од регионот заеднички, со сите расположливи капацитети, да се обединиме и да соработуваме во активностите за спротивставување и враќање на украдените и нелегално изнесени предмети“, рече министерот Љутков на работилницата, која почна во Музејот на македонската борба.
Во своето обраќање пред присутните претставници од УНЕСКО, професори, експерти и предавачи од меѓународни и од домашни организации и институции министерот Љутков потенцира дека за Владата и за него како министер за култура и туризам заштитата и зачувувањето на културните добра на нашата земја се врвен приоритет.
Во тој контекст тој потсети на соработката со Р. Албанија кога благодарение на професионалниот и координиран пристап на двете држави успешно беше реализирано враќањето 20 незаконски изнесени икони од македонските цркви и манастири, кои по децениското патешествие, се вратени онаму каде што припаѓаат.
„Ова е одлична можност да се разговара за разните аспекти на борбата против недозволената трговија со културното наследство, да се разгледаат правните рамки и регулативи што ги имаат нашите земји, да се разменат искуства и најдобри практики, со акцент на важноста на меѓународната соработка, на улогата на технологијата, како и на подигнувањето на јавната свест за вредноста на културното наследство и за штетата што ја предизвикува недозволената трговија“, рече Љутков.
Свесни сме, додаде тој, дека треба уште многу да се работи на зајакнувањето на законодавната рамка и на поефективна координација меѓу државните институции, локалните заедници и меѓународните партнери, како и на подобри алатки за идентификација, следење и враќање на културните добра.
Министерот Љуткав изрази убедување дека само на тој начин може да се заштити и да се зачува културното наследство за идните генерации.
Присутните ги поздравија и Синиша Шешум и Матео Росати од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа.
Шешум порача дека само со структурна и трајна соработка во борбата против нелегалната трговија со културни добра се спречуваат криминалните активности не само врз културното наследство туку и врз идентитетите на заедниците и државите во целина.
Според Росети, пак, настанот може да послужи и како платформа за зацврстување на дијалогот и на соработката во Европа и е одлична можност заедно да учиме и да работиме за да станеме подобри чувари на нашето културно наследство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

