Македонија
Ќе се проверува документацијата за да се откријат невакцинирани деца кои би можеле да шират морбили
Комисијата за заразни болести денес препорача здравствениот систем да се подготви за справување со нови случаи на заразени со морбили кои би можеле да се очекуваат во земјава. Портпаролот на Комсијата, Злате Мехемедовиќ, соопшти дека донеле три препораки откако го разгледале случајот со тринесетмесечното дете од Свети Николе заразено со морбили кое е веќе пуштено на домашно лекување.
„ Првата и основна работа е да се засили епидемиолошкиот надзор врз сите исипни трески затоа што на тој начин ќе можеме побргу да го ублажиме процесот на ширење на новодететктираните случаи. Второто е да се подигне свесноста меѓу здравствените работници и меѓу популацијата за постоење случај на морбили во државата. Третата препорака се однесува на матичните лекари, педијатрите и инфектолозите, внимателно да ги следат сите симптоми што се карактеристични за морбили во државата и да ги пријавуваат до надлежните центри за јавно здравје. Воедно, матичните лекари и педијатрите, суспектните случаи да ги препраќаат до специјалисти и инфектолози за понатамошна дијагностика“, рече Мехмедовиќ.
Тој препорача сите материјали кои ќе бидат земени од сомнителните случаи да се испраќаат до референтната лабораторија во Институтот за јавно здравје за дефинитивна дијагноза. Лабораторијата во институтот, Мехмедовиќ вели дека е референтен центар за дијагноза на сите исипни трески.
Мехмедовиќ најави и дополнителни поверки за да се спречи појава на нови случаи на заразени со морбили.
„Треба да се направи дополнително и преглед во документацијата на сите оние деца кои не се вакцинирани досега или не се комплетно вакцинирани со цел да се покријат и тие дупки или џебови во системот кои може да бидат причина за појава на нови случаи со морбили. Секако треба и да се засили процесот на едукација на населението за ефикасноста и важноста на МРП вакцината затоа што е најефикасен начин за контрола односно ублажување на последиците од морбили како болест меѓу децата“, вели Мехмедовиќ.
Алармот за морбили го вклучи случајот со 13-месечното дете од Свети Николе, заразно со морбили и невакцинирано. Тоа во понеделникот минатата недела било донесено со исип и покачена температура во Клиничката болница во Штип. Еден ден минало на одделот за педијатрија, а потоа било преместено на инфективниот оддел каде што останало до петокот кога било пуштено на домашно лекување.
„ Пуштено е на домашно лекување, во домашна изолација, во добра стабилна здравствена состојба без манифестирани клинички симптоми на какви било компликации кои ги засегаат респираторните патишта. Се работи за стабилизирана здравствена состојба и се очекува да нема никакви последици по здравјето на детето“ рече Мехмедовиќ.
Засега, Мехмедовиќ рече дека нема нови сомнителни случаи за морбили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

