Македонија
Петровска: Клучната придобивка од нашето зачленување во НАТО е засилената безбедност што ја имаме
Во рамките на одбележувањето на годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО и денешниот Ден на НАТО – 74 години од формирањето на најголемиот воено-политички безбедносен сојуз во светот, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, почна циклус академски дијалози со студентите и академската фела во соработка со државните универзитети.
Денешниот прв дијалог се реализира на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на тема „Влијанието на геополитичките случувања, новата безбедносна парадигма и стратешкиот концепт на НАТО 2030 – можности и предизвици“, на кој министерката Петровска го изрази своето задоволство да поразговара со оние што во иднина ќе бидат носечки дел од системот на државата и додаде дека вратата на Министерството за одбрана и на Армијата е секогаш отворена за младите кадри за кои верува дека треба да останат тука во нашата држава.
Министерката Петровска во разговорот со студентите зборуваше за придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО.
„74-годишното постоење покажува дека оваа организација има способност да се приспособи на предизвиците. Клучната придобивка од нашето зачленување во НАТО е засилената безбедност што ја имаме. Република Северна Македонија е дел од колективниот систем на одбрана на НАТО, а во НАТО важи правилото дека кога сте во НАТО, никогаш не сте сами. Тоа значи дека можеме да се потпреме на нашите партнери на преостанатите земји членки на алијансата, кои ќе ни помогнат тогаш кога ни е најпотребно, но она што е уште поважно е во текот на процесот и на постапување и сега откако сме НАТО земја членка дека тие ни помагаат да ги зајакнеме сопствените капацитети за одбрана“, рече Петровска.
Таа нагласи дека одбраната, која е еден од столбовите на секоја држава, има клучна улога во процесот на пристапување и во Европската Унија.
„Градејќи ја одбраната, ние ја градиме сегашноста, но уште поважно вложуваме и инвестираме во иднината на државата“, потенцира министерката Петровска и додаде дека градењето на отпорноста, особено од хибридните закани, меѓу кои и дезинформациите, е нешто за што и ние како држава, но и алијансата, силно се залагаме и дека токму транспарентноста и отчетноста на институциите помагаат во градењето на отпорноста.
Министерката Петровска со студентите разговараше за модернизацијата на Армијата, војната во Украина и одговараше на прашањата на студентите поврзани со новата европска безбедноста архитектура.
За време на денешната посета на Штип министерката Петровска ја посети и штипската касарна „Јане Сандански“, каде што се организира отворен ден за граѓаните, кои можеа одблиску да се запознаат со специфичностите на војничката професија и да ги проследат воено-показните вежби, кои се реализираа од припадници на Армијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.