Македонија
Ќе се разгледа можност за воведување директна линија меѓу Шпанија и Македонија: Муцунски доби поддршка од шпанскиот шеф на дипломатијата за евроинтеграциите на земјава
Двајцата министри, Тимчо Муцунски и Хозе Мануел Албарес Буено, се согласија дека политичките и дипломатски односи помеѓу двете земји и во иднина ќе продолжат да се градат во духот на разбирањето и пријателството. Во таа насока, во следниот период, двете страни ќе работат на унапредување на економската и културната соработка, во промоција на спортската дипломатија, а со посебно внимание ќе се разгледа и можноста за воведување директна авиолинија помеѓу Шпанија и Македонија.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска е во работна посета на Кралството Шпанија, каде што оствари средба со неговиот домаќин, шпанскиот министер за надворешни работи, Европска Унија и соработка, Хозе Мануел Албарес Буено со кој дискутираа за разни теми поврзани со соработката меѓу двете земји, како и за можноста за воведување директна авиолинија помеѓу Република Северна Македонија и Кралството Шпанија, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
„На средбата беа поздравени пријателските врски меѓу двете земји кои оваа година одбележуваат значаен јубилеј, 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, и беше нагласено задоволството од досегашниот развој на билатералната соработка со истакнување на заемните заложби за натамошно зацврстување на пријателските врски и потребата од искористување на потенцијалот за интензивирање на соработката.
Министерот Муцунски го запозна својот шпански колега со преструктуирање на министерството, новите надлежности, можностите за инвестирање во државата, како и со потенцијалот за продлабочување на соработката во повеќе области. Потенцирајќи ја важноста на политичката поддршка за интеграциите, министерот Муцунски изрази благодарност за недвосмислена заложба на Шпанија за евроинтеграциите на нашата држава, како и задоволство на цврстото партнерство во рамки на НАТО Алијансата.
Говорејќи за евроинтеграциите на Република Северна Македонија, тој нагласи дека новата влада ги знае обврските што следуваат со процесот на интеграција и посветено работи на спроведување на неопходните реформи.
Истакнувајќи го задоволството од посетата на министерот Муцунски и зборувајќи за реформите, кои во изминатиот период ги спроведе земјава, министерот Албарес Буено ја потврди шпанската поддршка за евроинтеграциите, притоа ја потенцираше неопходноста за забрзување на интеграциите на државата во ЕУ.
Од негова страна беше изразено задоволство за цврстото партнерство во рамки на НАТО и придонесот на Република Северна Македонија во контекст на регионалната стабилност.
Двајцата министри се согласија дека политичките и дипломатски односи помеѓу двете земји и во иднина ќе продолжат да се градат во духот на разбирањето и пријателството. Во таа насока, во следниот период, двете страни ќе работат на унапредување на економската и културната соработка, во промоција на спортската дипломатија, а со посебно внимание ќе се разгледа и можноста за воведување директна авиолинија помеѓу двете земји.
На средбата стана збор и за организирање бизнис форум на кој ќе се разгледаат можностите за економска соработка помеѓу двете земји. Министрите разменија мислења и за воениот конфликт во Украина, како и за политичката состојба во регионот.
Во рамки на посетата на Кралството Шпанија предвидено е министерот Муцунски да се сретне и со членови на комисијата за надворешна политика на Сенатот на Шпанија, со потпретседателот на Шпанската конфедерација на бизниси (CEOE), Иниго Фернандес де Меса, како и да има свое обраќање на Кралскиот Институт „Ел Кано“ El на тема “ЕУ интеграции како императив за безбедност, стабилност и развој на регионот на земјите од Западен Балкан”.
Покрај тоа, планирано е Министерот Муцунски да присуствува на Свечен прием организиран по повод 8 септември – Денот на независноста“, соопшти министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

