Македонија
Џафери – Бегај: Северна Македонија и Албанија се посветени на евроатланските интеграции

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во рамки на учеството на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност во Приштина, Република Косово, оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
На средбата беше изразено задоволство од континуираниот политички дијалог меѓу Северна Македонија и Албанија, како и развојот на билатералните односи меѓу двете земји. Соговорниците ја нагласија двостраната посветеност кон добрососедските односи.
Премиерот Џафери и претседателот Бегај, на средбата посочија дека Северна Македонија и Албанија, како сојузници во НАТО, се подготвени за продлабочување на меѓусебната соработка, со цел поактивен придонес за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот и на евроатлантската заедница.
На средбата беа разменети мислења и за европските интеграции, како и продолжување на реформските процеси во двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од вторник изменет сообраќаен режим на мостот „Влајко“

Општина Карпош ја информира јавноста дека во вторник (29.7.2025) година, со почеток во 7.30 часот, ќе почнат работните активности за статичко испитување на надземниот премин „Влајко“ (во населбата Влае).
Поради изведување на стручните мерења, ќе биде воведена привремена измена на сообраќајниот режим, која ќе се реализира во две фази.
Имено, во првата фаза се предвидува затворање на дел од сообраќајницата, односно булеварот Партизански одреди, по принципот лента по лента, во насока исток – запад, поточно во правец кон населбата Ѓорче Петров. По завршувањето на првата фаза, ќе следува затворање на сообраќајот во насока запад – исток (кон Центар), исто така по принципот лента по лента.
Во оваа пригода локалната самоуправа посочува дека во текот на изведувањето на работите сообраќајот на тој потег ќе се одвива непречено во согласност со сообраќајната сигнализација и опремата што ќе биде привремено поставената, а на која ќе биде означено прописното ограничување на брзината на движење од 30 km/h.
Се предвидува овие работни активности да се одвиваат во период од седум работни дена, а по нивното завршување, да биде воспоставен првобитниот режим на сообраќај.
Општина Карпош апелира до сите учесници во сообраќајот да го почитуваат и да се приспособат кон привремениот сообраќаен режим за што однапред се заблагодарува за разбирањето и соработката.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Шукова ниту имаат план ниту знаат како да го подобрат животот на скопјани

Шукова говори за тоа што му недостига на Скопје и тоа би било во ред доколку само пред една година таа не беше токму министер за животна средина и просторно планирање, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Таа како министер имаше можност и простор да направи план за намалување на аерозагадувањето, за зелени површини, за еколошки јавен превоз, но сепак таа одлучи да му слугува на Ковачевски, а во реалноста на Заев.
СДС и Шукова ниту имаат план ниту знаат како да го подобрат животот на скопјани. Тоа е видливо затоа што единствен ‘успех’ на СДС во Скопје за подобрување на животната средина е зелената површина на Шилегов на плоштадот“.
Времето на Шукова, додаваат од партијата на власт, заврши уште пред да почне. На граѓаните, според нив, им е преку глава од лажни ветувања, кои знаат дека нема да се реализираат.
„Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ постепено ќе ги градат темелите на промените во Скопје“, нагласуваат од партијата на Мицкоски.
Македонија
За еден месец, 80 лица се сретнаа со министерот за здравство, Алиу, преку „Отворен кабинет”

Во изминатиот месец 80 граѓани преку алатката „Отворен кабинет“ се сретнаа со министерот за здравство, Азир Алиу.
Барањата, предлозите и сугестиите на граѓаните се предмет на системско постапување во рамките на Министерството за здравство, односно тие се анализираат и проследуваат за натамошно постапување, велат од Министерството.
„До овој момент одговорено и постапено е по 29 отсто од барањата, за некои потребни се системски унапредувања, кои веќе се иницирани, а за преостанатиот дел формирани се комисии за поефикасно постапување“, се наведува во соопштението.
За потсетување, министерот Алиу во текот на утрешниот ден е на терен во Штип во рамките на иницијативата „Мобилен кабинет“, каде што од 12 до 14 часот ќе има средба со граѓани во просториите на Клиничката болница – Штип и сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност директно да ги споделат своите искуства, проблеми или предлози поврзани со здравствениот систем.
За учество на овие средби потребна е претходна пријава преку платформата „Отворен кабинет“, која е достапна преку интернет-страницата на Министерство за здравство: https://zdravstvo.gov.mk/