Македонија
Џафери – вајмарската тројка: Уставните измени се единствениот предуслов за отворање на преговарачките поглавја
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, заедно со потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи на СДСМ и коалицијата, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ДУИ, Алијансата за Албанците и претставници на политичките партии Алтернатива и Беса, се сретна со Ана Лирман, министерка за Европа на Сојузна Република Германија, Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министрите на Француската Република, и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за европски прашања на Република Полска.
Џафери ја поздрави оваа посета во вистински момент и ја повтори посветеноста на нашата земја за остварувањето на стратешките цели за членство во НАТО и ЕУ. Соговорниците беа информирани за актуелните активности во Собранието во контекст на овие цели, особено за целосната усогласеност со позициите на надворешната и безбедносната политика на ЕУ и преземените чекори во однос на Украина, тековниот процес за скрининг по усвојување на преговарачката рамка минатата година. Во поглед на процесот на уставните измени, кои се единствен предуслов за отворање на преговарачките поглавја, беше истакнато дека во моментот во Собранието нема потребно мнозинство за нивно спроведување.
Министерката Бун ја искажа поддршката што постои во Европската Унија за процесот на проширување и интересот за унапредување на интегративниот пат на земјите од целиот регион во Унијата, што ќе придонесе за поголема стабилност и безбедност на европскиот континент. Оваа променета реалност и овој прозорец на можности, кои се актуелно создадени, треба максимално да се искористат имајќи го предвид фактот дека в година се европските избори и тие ќе направат одреден застој доколку некои процеси не се завршат до крајот на оваа година.
Министерот Шинковски вел Сенк информира за историското минато на трите земји, несогласувањата и проблемите со кои се соочувале во минатото, но и за единствената нивна поддршка на процесот на проширување и обединување. Ги потенцира приоритетите на идното полско претседавање со Советот на ЕУ, меѓу кои ќе биде и процесот на проширување со конкретни активности.
Министерката Лирман нагласи дека во овој момент партиските интереси не треба да одат над стратешките интереси на државата повторувајќи дека преговарачката рамка, која е усвоена од страна на земјите членки на ЕУ, нема да се менува и таа претставува основа за процесот на преговори на Република Северна Македонија и дека нема нови барања и нови предуслови за отворање на преговарачките поглавја, освен донесувањето на уставните измени. На крајот, ја потенцира резолуцијата донесена од страна на германскиот Бундестаг за поддршка на национални интереси на Република Северна Македонија.
Присутните на средбата изразија разни гледишта во однос на донесувањето на уставните измени, но преовладуваше согласност за нивно донесување, со исклучок на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Истовремено, беа побарани поголема поддршка и гаранции од европските партнери за процесот на преговори за спречување нови барања од страна на Република Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Тренчевска: Од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари
„330% повисока социјална помош, 53% повисоки пензии, 180% повисока минимална плата, 40 000 просечна плата се нашите резултати и знам дека тоа можеби не е доволно. Затоа вечерва стојам пред вас не како жена, туку како ваша пријателка и комшивка, како жена која работеше со интегритет и бара поддршка за број 1 на 8 мај“ порача Тренчевска од говорницата на митингот во Радовиш.
Ко-носителката на изборна единица 4 од СДСМ, Јованка Тренчевска вечерва на радовишани им порача дека вистинскиот избор е јасен и дека само СДСМ е опција која ќе го води напредокот на општеството.
„Вие највозрасните кои гледам ве има тука во голем број, а со кои деновиве често се среќавав и често ме прашувавте зошто не може покачување од 5000 денари за секој од вас, Ве потсетувам дека од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари, и овој месец најниската исплатена пензија изнесува 13 880 денари. Стабилната исплата на вашите пензии ќе биде доведена во прашање со лажните ветувања на ВМРО, кои слушам деновиве дека започнаа да го раситнуваат лажното покачување на пензиите на месеци, на години и на нови методологии. Знаат и тие дека на лагата и се кратки нозете! Знаат дека 5000 линеарно е невозможно. Но дека е добро за да манипулираат со највозрасните“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека во новиот мандат СДСМ се обврзува минималната пензија да ја покачи на 20.000 денари додека просечната пензија ќе ја покачи на 30.000 денари.
„Да продолжиме да градиме мостови посилни од ѕидовите и омразата кои ни ги наметнува ДПМНЕ“ истакна Тренчевска во нејзината покана за граѓаните за да излезат на гласање на 8ми мај.
Македонија
Мицкоски од Тетово: Во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините, дел ќе се инвестира и во општините во западна Македонија
„Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.
Мицкоски додаде дека доаѓа ново време, се врти нов лист, нов почеток.
„Овде од Тетово објавувам дека веднаш по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија“, вети Мицкоски.
„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека на народот му е доста од удирање во гради, зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.
„За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните на осми мај да излезат и да гласаат, време е да започнат промените во Македонија.