Македонија
Џафери – Гир: Македонија останува посветена на европскиот пат, следните избори, кои ќе ги подготви и спроведе оваа Влада, ќе се клучни за нашата европска иднина
Премиерот на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го прими амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
Амбасадорот Гир му го честита на премиерот Џафери неговото назначување за претседател на Владата истакнувајќи ја поддршката од ЕУ и Делегацијата во Скопје во продолжување на соработката и поддршката на институциите во реализирањето на европската агенда на државата.
Премиерот Џафери изрази задоволство што неговата прва средба со претставник на меѓународната заедница е токму со амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, што претставува јасен знак за насоката на движење на Владата во следниот период.
Премиерот истакна дека претстојните избори се од исклучителна важност за иднината на земјата бидејќи тие ќе ги одредат текот на движење и напредокот во следниот период. Премиерот нагласи и дека Владата ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост да ги спроведува сите процеси и обврски што произлегуваат од почнатите пристапни преговори со Европската Унија во насока на забрзана европска интеграција.
Посебен акцент на средбата беше ставен на заедничката посветеност на Брисел и Скопје кон натамошното успешно придвижување на активностите поврзани со планот за раст за Западен Балкан и во таа насока амбасадорот Гир го поздрави досегашниот конструктивен пристап на Владата.
Заблагодарувајќи му се на амбасадорот Гир за принципиелната поддршка на Северна Македонија од страна на ЕУ во процесот на остварување на стратешката цел на државата – членството во ЕУ, премиерот Џафери истакна дека Владата ќе продолжи со активностите за унапредување на демократијата и владеењето на правото, како и борбата против корупцијата и зацврстување на правната држава.
На средбата беа разменети и мислења за актуелни прашања од внатрешнополитичката состојба во земјата и претстојните избори. Во тој поглед амбасадорот Гир нагласи дека ЕУ како и досега ќе ги подржи активностите на ОДИХР во обезбедување набљудувачка мисија и спроведување фер и демократски претседателски и парламентарни избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

