Македонија
Џафери за датумот за избори: Нема да оставам да ме прегазат роковите

Нема да дозволам да ме прегазат роковите, вели собранискиот спикер Талат Џафери за датумот за избори.
Тој им даде рок на политичките партии во Собранието до Нова година да го договорат датумот за избори.
„Политичките партии, кои се застапени во Собранието, имаат можност до Нова година да си најдат консензус во однос на двата термина за избори“, прецизира Џафери.
По овој рок, како што рече, мора да постапи во согласност со уставните обврски и да ги распише изборите.
Пред новинарите во Форино, Џафери објасни дека како претседател на Собранието е должен да го обезбеди времето што го пропишуваат уставот и законите за да се организираат изборите.
Тој ги повтори роковите, но и законската обврска за формирање техничка влада пред изборите.
Одговарајќи на прашањето кога уставните измени ќе бидат поставени на дневен ред, Џафери повтори дека точката е на дневен ред уште во август.
И општата дебата е завршена, седницата е прекината и чека пратениците да рефлектираат во однос на потребата од обезбедување соодветно мнозинство. Дали ќе рефлектираат, кога ќе рефлектираат, тоа веќе не е прашање што треба мене да ме засега, тоа е прашање на субјектите што се присутни во Собранието“, потенцира собранискиот спикер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Нов скопски саем во Бутел и голем парк покрај него е првото ветување на скопјани од Мециновиќ

Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на партијата Левица, преку социјалните мрежи најави изградба на нов скопски саем во северниот дел на градот, во општина Бутел, покрај обиколницата и булеварот Христјан Тодоровски-Карпош.
„Скопје го загуби саемот поради сите претходни власти, кои не успеаја да ги зачуваат и надградат капацитетите за новите генерации. Наместо тоа, денес тој простор е претворен во трговски центар, што ја одразува политиката на уништување на јавните простори за личен профит. Затоа новиот саем е од клучна важност бидејќи повторно ќе овозможи простор за сите еднакво – за култура, заеднички активности, образование и за социјализација на скопјани“, вели Мециновиќ.
Проектот предвидува изградба на изложбени хали со површина од 20.000 квадратни метри, конгресен центар за јавни собири и трибини, како и отворени простори за културни настани и заеднички активности. Според Мециновиќ, новиот објект ќе биде лесно достапен и ќе придонесе за создавање нов културен и економски пол во градот, кој ќе претставува противтежа на сегашната концентрација на економски и културни активности.
Покрај саемот, најавен е и голем парк, кој треба да стане „белодробен систем на северот на Скопје“. Паркот ќе содржи централен тревник за фестивали и собири, детски игралишта, спортски терени, тематски градини, амфитеатар на отворено и екопатеки со современа инфраструктура.
„Идејата е саемот и паркот да функционираат како целина, како куќа на јавниот живот, простор за културни манифестации, собири и дијалози, но и како зелено прибежиште за спорт, детска игра и колективна релаксација. На тој начин го враќаме јавниот интерес пред приватниот профит“, рече Мециновиќ.
Македонија
Општина Центар доделува стипендии за ученици во износ до 3.500 денари месечно

Општина Центар ги повикува учениците од општинските основни училишта да аплицираат за стипендии во три категории: спорт, култура и науки, техника, посебни вештини.
Стипендиите изнесуваат од 2.500 до 3.500 денари месечно во зависност од категоријата за која аплицираат, во текот на осум месеци од тековната учебна 2025/2026.
„Општина Центар и годинава инвестира во младите, во нивната креативност, знаење и спортски дух. Нивните постигнувања се афирмација не само за нашата локална самоуправа туку и за целата држава“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Секој ученик може да аплицира само во една категорија.
Потребно е да се достави потврда за редовно школување или доказ за живеалиште , кратка биографија, контакт на родител или старател, фотокопии од свидетелства, добиени признанија и награди, како и потврди од надлежните федерации или организации каде е потребно.
Документите се поднесуваат во Архивата на Општина Центар или по пошта на ул. „Михаил Цоков“ бр 1 со соодветна назнака за категоријата.
Крајниот рок за пријавување е 23 септември 2025 година, а ќе се разгледуваат само комплетни и навремено доставени пријави.
Македонија
Над 500 административци од Скопје денес ги почнаа тренинзите за поголема професионалност, етика и транспарентност

Министерството за јавна администрација, денеска, го одржа првиот дел од најголемата програма за професионален развој на административни службеници во историјата на државата. Генеричките обуки, кои се спроведуваат под слоганот „Инвестицијата во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, во првата фаза ќе опфатат 1.000 службеници од разни институции. Првите обуки почнуваат во Скопје со учество на над 500 административни службеници, кои ќе минат низ систематски и стандардизирани тренинзи.
На свеченото отворање, на кое присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, многубројни министри, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународните и на граѓанските организации и други гости, обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој истакна дека генеричките обуки се првиот чекор кон создавање професионална, етичка и одговорна администрација, која работи во служба на граѓаните.
„Тие се првиот чекор кон создавање службеници што ќе ја познаваат суштината на јавната служба, како и професионалноста, етиката, одговорноста, транспарентноста. Без овие основни вредности, ниеден закон, ниедна стратегија, ниедна визија нема да може да се реализира. Но, она што е особено важно е дека овие обуки не се само за административните службеници – тие, пред сè, се во функција за граѓаните. Со овие обуки ние инвестираме во вработените затоа што посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас“, рече министерот Минчев.
Тој ја нагласи и важноста на Академијата за јавни службеници, прва институција од ваков вид во земјата, која ќе претставува „срце на модерната администрација, куќа на знаењето и лабораторија на нови идеи“.
„Со зајакнување на знаењето на службениците ја зајакнуваме државата“, рече министерот.
Министерството работи и на усогласување на законската регулатива со онаа на Европската Унија во делот на јавната администрација.
„Сакам да потенцирам дека историски исчекор во реформата претставува донесувањето на пакетот реформски закони – Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници, Законот за инспекцискиот надзор и Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници. Овие четири закони се темелот на новата визија и претставуваат почеток на севкупната реформа на јавната администрација во нашата држава“, вели министерот Минчев.
Обуките се реализираат со поддршка на меѓународни партнери и експерти, вклучувајќи ја и соработката со РЕСПА, ЦЕФ, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Институтот „Вита“ и Економскиот факултет при УКИМ.
Покрај обуките што се реализираат во Скопје, во наредните месеци ќе се спроведуваат и регионални обуки во Источниот, Полошкиот и во Пелагонискиот Регион со цел да се опфатат сите административни службеници во земјата.