Македонија
Џафери – ЗНМ и меѓународни новинарски организации : „Треба да го продолжиме напредокот во медиумските слободи“
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претставници на Здружението на новинарите на Македонија и на неколку меѓународни новинарски организации.
На средбата се дискутира за напредокот на земјата во однос на слободата на медиумите, за активностите што се преземаат во Собранието во насока на дополнително подигање на нивото на транспарентност и отчетност и за законите и процедурите што се однесуваат на новинарите и медиумите, како и за вклученоста на новинарските здруженија во нивното донесување.
Џафери во неговиот збор потенцира дека веднаш се огласил на барањето за средба, со оглед на неговите континуирани заложби за целосна отвореност на Собранието кон јавноста и за постојана комуникација со новинарите преку доследно почитување на слободата на говорот и мислата и на независноста на медиумите. Притоа тој нагласи дека ги перципира новинарите како партнери во развојот на демократските процеси во земјата за што е неопходно јакнење на транспарентноста на највисоките државни институции и постојан дијалог меѓу новинарите и носителите на државни функции. Во таа насока претседателот на Собранието говореше за практиката воведена од негова страна за одржување редовни месечни брифинзи со собраниските известувачи, на кои информира за завршените, тековните и за планираните обврски и активности во законодавниот дом. Тој исто така посочи дека во интерес на јавноста и граѓаните сите јавни информации што се однесуваат на работата на законодавниот дом редовно се објавуваат и ажурираат на веб-страницата на Собранието.
На средбата, беше поздравено донесувањето на измените на Кривичниот законик со цел поголема безбедност и сигурност на медиумските работници како регулатива што беше подготвена во соработка со ЗНМ, а која овозможува евентуалните напади врз новинари да се третираат како напад врз службено лице. Се разговараше и за можностите за формирање фонд за поддршка на медиумите како еден од механизмите што би обезбедил поголем плурализам во медиумската сфера. Особено беше истакнат фактот дека Северна Македонија напредува во однос на слободата на медиумите, така што се искачила на 38. место според индексот на „Репортери без граници“, за што Џафери посочи дека во иднина треба да се вложат напори тој напредок да продолжи и понатаму да се унапредува.
Овој состанок е во рамките на мисијата Fact Finding на Здружението на новинарите на Македонија, чија цел е подобро разбирање на медиумската ситуација во земјата, со експертизата на претставници на кредибилни меѓународни организации, кои изминативе неколку дена остваруваат средби со клучните институции во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

