Македонија
Џафери на средба со делегација од Собранието на Косово: во фокусот, етичкиот реформски процес
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со членовите на работната група од Собранието на Република Косово, која средба е во рамките на нивната студиска посета организирана од Националниот демократски институт. Целта на студиската посета е одблиску да се запознаат со етичкиот реформски процес во нашата земја, со фокус на механизмот, кој иако сè уште не е усвоен од Собранието, е еден од најнапредните нацрт-етички кодекси.
Џафери им посака добредојде на гостите и даде краток осврт за билатералните односи помеѓу двете земји, истакнувајќи ги мноштвото позитивни аспекти и посочувајќи ги прашањата на кои треба да се посвети дополнително внимание, како што е на пример олеснувањето на движењето на граѓаните од двете страни.
Говореше и за парламентарната соработка која наидува на поддршка од двете страни и се одвива на сите нивоа, од претседатели на Собранија, до работни тела и групи за соработка. Размената на добрите практики е одлична појдовна основа и во тој контекст ги спомна проектите што ги реализираме заедно со донаторите и чии резултати се од голема полза за функционалноста на законодавниот дом. Меѓу другото, тука спаѓа и првиот етички кодекс кој што беше усогласен во рамките на дијалогот „Жан Моне“, а сега е во подготовка и последното усогласување кое што ќе се пушти во собраниска процедура. Во подготовка е и новиот Деловник за работа на Собранието, во соработка со Европскиот Парламент и кој што се усогласува со големо трпение и конструктивност на сите учесници во процесот. Целта е функционално Собрание кое ги извршува своите уставна надлежности на најдобар можен начин.
Водачот на делегацијата од Косово ги претстави членовите, потенцирајќи дека во нејзин состав има членови од законодавниот дом на Република Косово и од НДИ и говореше за досегашните активности и реализирани студиски посети во разни парламенти за да соберат што повеќе искуства во областа. Се заблагодарија на поддршката што како земја ја добиваат од Собранието и од Република Северна Македонија на сите меѓународни настани и изразија желба за понатамошно продлабочување на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има се до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење на мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.