Македонија
Џафери не чувствува одговорност да им се извини на собраниските службеници
Собранискиот спикер Талат Џафери не чувствува одговорност да се извини на собраниските службеници кон кои се обратил со пцости, а се слушаше на снимката на Собранискиот канал. На брифингот со новинарите не ѝ даде збор ниту на генералната секретарка Цветанка Иванова. По низата прашањата за пцостите, тој одби да одговара конкретно, а потоа им порача на новинарите да прашуваат, но на други теми.
„Не сметам дека сум прекршил нешто, другото е мислење на јавноста. Јавноста си го кажа своето“, рече Џафери.
Тој беше прашан и дали им се извинил на службениците, на што одговори: „Ќе ви кажат службениците“.
По ова, рече дека не ги пцуел вработените: „Тоа е кон одговорноста, кон односот, кон работата“.
На посочувањата дека сите институции, вклучително и Собранието, имаат начин на однесување, тој рече: „Не чувствувам одговорност да се извинам“.
Исцрпно излагање претседателот Џафери имаше само за тоа како работат службениците. Според него, грешката е кај нив, а не кај него. Како што рече, службениците во работно време шетале во центарот на Скопје наместо да работат. Потоа посочи дека тие го згрешиле и материјалот за 71. седница.
„Немам објаснување во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловник е пропишана мојата надлежност. Треба да створам предуслови и услови за работа. И ако некој мисли дека службата треба да ја помине на улицата Македонија, претпоставувам дека граѓаните не сакаат таква служба. А ние како раководство на Собранието сме ги направиле сите предуслови да створиме соодветни услови за службата. И статусно, и институционално материјално. Службеник во Собранието има 20 отсто повеќе плата од сите свои колеги во други институции“, изјави Џафери.
Своето однесување, за кое една недела не даде никаква изјава во јавност, го правдаше и со тоа дека тој како претседател спречил катастрофа на 71. седница по која им викаше на службениците.
„Доколку се оди до крај, за таква грешка се оди дома. Материјалот што се подготвил по гласање на дневниот ред, така како што беше подготвен, ја враќа седницата на почетокот. Ако не увидев на таква грешка, можеше да доведе во ситуација да не може да се поврати седницата. Таа не е лична работа, таа е одлука на Собранието. Собранието одлучува по дневниот ред. Такви материјали значеа седницата да се врати назад“, дообјаснува Џафери.
Собранискиот претседател беше прашан и како би реагирал доколку некој од новинарите упати пцости кон него. Тој рече дека ако така сметаат, да го направат тоа. Прашан дали во таква ситуација ќе го повика обезбедувањето да ги исфрли новинарите со такво однесување, Џафери додаде: 27 април 2017 година сум кажал дека нема да допуштам слики што сте навикнати да ги гледате. Тоа со обезбедувањето остави си го. Во мојот мандат Собранието е отворено за кој кога сака да влезе“.
На брифингот со новинарите Џафери објасни дека нема да испитува дали намерно се оставени вклучени микрофоните по седницата кога тој почнал да цуе.
„Не е целтада правиме лов на вештерки. Да ги ловам вработените на грешки. Суштината е а пропо статусот да ги извршуваат соодветно обврските. Ако продолжат ваквите грешки, ќе има соодветна постапка“, објасни Џафери.
За барањето оставка од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери рече: „Немаат со што да се занимаваат, па со мене. Треба да им ги затворам устите?“
Од новинарите доби и прашање зошто не ѝ дозволува на генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, да даде свое мислење за неговото однесување со пцуење: „Брифингот јас го организирам и спроведувам и ова Собрание не е приватна сопственост“.
Додека Џафери забрануваше Иванова да зборува, таа молчеше. И покрај обидот на новинарите да ѝ се дозволи да зборува, Џафери остана на својот став, а Иванова не се побуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

