Македонија
Џафери се обрати на првата седница на новоизбраната Влада: Да работиме посветено, ефикасно и заедно за фер избори и во функција на граѓаните
Во Владата на Република Северна Македонија почна првата седница на новоизбраниот владин состав.
На почетокот на конститутивната седница на новоизбраната преодна Влада на Република Северна Македонија се обрати новиот претседател на Владата, Талат Џафери.
Премиерот Џафери ги соопшти очекувањата од работата на новата Влада во делот на организацијата и спроведувањето на претстојните избори и за реализацијата на тековните обврски на Владата во интерес на граѓаните.
„Пред нас е една клучна задача, подготовка и организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура. Во таа наша задача имаме обврска да соработуваме и со Собранието, и со Државната изборна комисија, и со Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, но и со Европската Унија и САД како наш стратешки партнер, со цел да обезбедиме највисоки европски стандарди во процесот во изборната кампања и на самите избори, со целосен фокус на создавање услови, во кои граѓаните на изборите јасно ќе ја изразат својата волја“, рече премиерот Џафери.
„Тука сме исто така да обезбедиме редовно функционирање на институцијата, соработка и инклузивност во работата и од оваа Влада очекувам ефикасност и да е во функција на интересите на граѓаните, а притоа да е транспарентна и отчетна“, нагласи премиерот Џафери.
„Очекувам дека сите членови на Владата ќе го вложат целото свое знаење и искуство и посветено ќе работат во интерес на граѓаните и дека сите предизвици пред нас ќе ги надминеме заедно, отворено и професионално“, порача премиерот Џафери.
Претседателот на Владата, Талат Џафери, во првото обраќање до новоизбраниот владин состав им го честита изборот на членовите на Владата и им посака успешна работа и соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

