Македонија
Џафери се сретна со унгарската претседателка Новак
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со претседателката на Унгарија, Каталин Новак, која е во официјална посета на Македонија.
Претседателот Џафери 1 посака добредојде на почитуваната Новак, при што изрази благодарност и за поддршката што Унгарија ја дава во насока на интеграцијата на нашата земја во Европската Унија. Во контекст на билатералните односи помеѓу двете земји, истакна дека тие се добри, но дека има простор за повеќе инвестиции и економска соработка. Во продолжение ја информира гостинката дека во Република Северна Македонија актуелно се одвива процесот на скрининг, наесен се очекува да се продолжи со процесот на пристапните преговори, а во меѓувреме треба да се пристапи кон уставните измени, кои се неопходни за понатамошниот тек на процесот. Потврди дека и во Собранието се прават напори да се најде потребното мнозинство за тие измени.
Претседателката Новак, од своја страна, ги пофали напорите на нашата земја за регионална соработка и интеграција на земјата во Европската Унија, при што истакна дека Република Северна Македонија секогаш може да смета на пријателската поддршка на Унгарија. Што се однесува на војната во Украина , таа истакна дека Унгарија ја осудува агресијата на Русија, но кога се зборува за санкциите, поради нејзината специфична ситуација, мора да ги земе предвид своите национални интереси. Затоа, Унгарија се залага за прекин на војната и решавање на конфликтот по пат на преговори.
Во врска со прашањето на емиграцијата, двајцата соговорници го потенцираа заедничкото залагање и борба против илегалната емиграција. Претседателот Џафери рече дека интеграцијата на нашата земја и целиот регион во Европската Унија ќе придонесе во подигнување на животниот стандард и следствено ќе го намали притисокот за иселување.
На крајот на средбата двајцата соговорници се заложија за интензивирање на соработката, а претседателот Џафери ѝ посака убав и успешен престој на претседателката Новак во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.