Македонија
Џафери: Споменот на старите битки, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме заедно

Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери упати честитки по повод државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
„Овој ден е споменик на револуционерната идеја која водела низ битки во кои многумина го положиле најскапоценото, животот. Затоа што знаеле дека револуцијата е раскрсница помеѓу иднината и минатото. Тие верувале во слободна, независна, единствена и напредна држава во која секој ќе може да ја гради својата иднина и иднината на своите млади поколенија горделиво и достоинствено.
За тоа била потребна и се уште е потребна пожртвуваност, верба и визија за во иднина да се уживаат плодовите на битките низ историјата. Споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот заедно, сплотени и единствени како граѓани на современа, демократска, напредна и безбедна Република Северна Македонија.
Драги граѓани, Ви посакувам убав празничен ден, поминат во кругот на блиските и драги луѓе. Нека е честит 23 Октомври!“, се вели во честитката на Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.
Македонија
Камион излета од магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка, сообраќајот во прекин

Од 17:10 часот магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка кај место викано Самоков е во прекин за сите возила во двата правци поради собраќајна незгода. Товарно моторно возило излетало од патот и на самиот пат има расврлани метални предмети кои ги превезувало, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.