Македонија
Џафери – Стефанчук: Украина може да смета на гласна поддршка за евро-атлантска интеграција од Македонија
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук, во текот на вториот ден на годишната конференција на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ во Прага, на која учествуваат и претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство во Европската Унија.
Претседателот на Врховната рада, Стефанчук, се заблагодари за недвосмислената поддршка од страна на Собранието на Република Северна Македонија, кое се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија врз Украина. Потоа, за усвојувањето на декларацијата за осуда на воените напади, кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како и за формирањето на интерпартиската парламентарна група за поддршка на кримската платформа. Претседателот Стефанчук истакна дека за Украина еднакво се важни како интеграцијата во Европската Унија така и членството во НАТО и во таа смисла побара поддршка на претстојниот самит на парламентарната димензија на НАТО, кој на почетокот на јуни треба да се одржи во Вилнус, Литванија.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, му ја пренесе на соговорникот и својата лична и институционалната поддршка за сите напори и храброста во борбата против руската агресија и нагласи дека Република Северна Македонија ќе продолжи да ја дава својата материјална, воена и хуманитарна помош во рамките на своите можности и капацитети. Исто така, истакна дека државата ќе опстои на санкциите и дека Украина може да смета на гласна поддршка за нејзините аспирации за евро-атлантска интеграција.
Двајцата претседатели го поздравија одржувањето на вториот самит на парламентарната димензија за поддршка на кримската платформа, предвиден да се одржи во октомври 2023 година во Прага, на кој ќе учествува и делегација на интерпартиската парламентарна група на Собранието на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

