Македонија
Џафери – Фон дер Лаен: Македонскиот јазик ќе биде регистриран без фусноти
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, oствари кратка средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, пред нејзиното предвидено обраќање пред пратениците во Собранието. На средбата присуствуваше и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Џафери истакна дека стратешки цели на државата од нејзиното осамостојување се членството во НАТО и во Европската Унија и изрази уверување дека во моментот кога земјата е на прагот да го почне процесот на преговори, кој треба да доведе до исполнувањето на втората стратешка цел, пратениците ќе го изберат вистинскиот пат. Тој нагласи дека одлуките се носат во согласност со почитување на главните прашања за кои се изразува загриженост во јавноста, како македонскиот јазик, културата, историјата и идентитетот. Македонскиот јазик ќе биде регистриран без фусноти, потенцира Џафери. Тој изрази уверување дека времето ќе покаже дека била донесена вистинската одлука.
Претседателката Урсула фон дер Лаен истакна дека ѝ е чест да биде во земјата во вакви одлучувачки моменти, дека во Европската Унија се свесни оти државата постигна многу досега и дека се движи во вистинскиот правец. Таа изрази надеж дека ревидираниот француски предлог, кој ги штити македонскиот идентитет и јазик, ќе наиде на одобрување и потсети на мотото на ЕУ: „Обединети во различностите“. Таа нагласи дека со внимание ќе го следат гласањето во Собранието и дека по одржувањето на првата меѓувладина конференција, веднаш би почнал процесот на скрининг. „Ве чекаме во ЕУ“, заклучи Урсула вон дер Лаен.
Џафери, заблагодарувајќи се на охрабрувањето, рече дека верува во решителноста на 27 земји членки по 17 години чекање да го откочат процесот и дека отворањето на преговорите ќе го намали притисокот во јавноста. Исто така, изрази очекување процесот да биде финализиран во догледно време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

