Македонија
Џафери-Џачка: конструктивната комуникација меѓу Македонија и Албанија е модел за успешна соработка меѓу соседите во регионот
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Ољта Џачка, министерка за европски и надворешни работи на Република Албанија, во рамките на официјалната посетата на министерката на нашата земја.
Претседателот Џафери истакна дека Република Северна Македонија и Република Албанија градат одлични билатерални односи, со продуктивен политички дијалог и соработка во значителен број области од заемен интерес. Тој нагласи дека двете земји споделуваат заеднички цели и интереси на надворешно-политички план во врска со членството во Европската унија, соработката во рамките на НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Џафери се осврна на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ и со Јадранската повелба – А5, како и претстојното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Со оглед дека Албанија претседаваше со ОБСЕ во 2020 година, тој оцени дека албанското искуство може да биде од голема корист за нас.
Претседателот го подвлече значењето од реализацијата на инфраструктурните проекти во двете соседни земји за поголема размена на луѓе, стоки и услуги. Нагласи дека изградбата на патишта, енергетското и железничкото поврзување во рамките на Коридорот 8 останува приоритет, а во тек се подготовките за започнување на автопатската поврзаност.
Министерката Ољта Џачка оцени дека конструктивната комуникација меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија претставува модел за успешна соработка меѓу соседите во регионот, а интензитетот на реализирани меѓусебни посети на сите нивоа е еден од најдобрите показатели за квалитетот на билатералните односи. Двете земји даваат значаен придонес кон евроатлантската перспектива на регионот и заеднички успешно го спроведуваат скрининг процесот со ЕУ.
Министерка за европски и надворешни работи на Република Албанија оцени дека процесот на проширување на Европската Унија е поврзан не само со стабилноста и безбедноста на Балканот, туку и со безбедноста на ЕУ и европскиот континент. Во врска со условот за промена на Уставот на земјава, Џачка нагласи дека станува збор за политички процес за кој е потребна голема волја и укажа дека сите политички фактори треба да го имаат предвид интересот на државата и на граѓаните.
Соговорниците ја нагласија заедничката посветеност на двете земји за сѐопфатен развој на Западниот Балкан и ги поздравија резултатите од последниот Самит на Берлинскиот процес, во однос на постигнатиот напредок во слободното движење на граѓаните од земјите од регионот, со взаемно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации. Од големо значење се и бројните договори потпишани во рамките на Иницијативата Отворен Балкан, а реализацијата на обврските преземени со овие договори останува заеднички приоритет.
Џафери и Џачка разменија мислења и за состојбата во регионот, во контекст на руската агресија врз Украина, како и дијалогот меѓу Косово и Србија, постигнат во Охрид.
Нагласувајќи дека годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, соговорниците изразија уверување дека долгогодишното партнерство меѓу двете држави и позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и соработката во повеќе сфери од заемен интерес и натаму ќе се унапредува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

