Македонија
Џолев за децата и снаите на политичарите што стануваат судии: Хипотетичко е прашањето, го знаеме одговорот

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, не сакаше да коментира за тоа што ќе донесат децата и снаите на политичарите во правосудниот систем. Се надева на квалитет. Прашан дали би сакал некој од идните судии да суди во судот под негова надлежност, не одговори и рече: „Хипотетичко прашање е дали сакам просечната плата да биде 1.000 евра. Вие и го поставувате прашањето и на некој начин го давате одговорот. Сите знаеме каков треба биде одговорот“.
На брифинг со новинарите, Џолев, од новите судии и обвинители, кои имаат тесни врски со сегашни и поранешни челници во судско-обвинителскиот систем, очекува професионалност.
„Јас навистина немам надлежност да правам анализа за кандидатите, за тоа кои ќе бидат избрани за идни судии и обвинители, чии деца се, не навлегувам. Се надеваме дека ќе биде стручен и добар кадар“, додаде Џолев.
„Макфакс“ веќе објави дека речиси 18 проценти од положените кандидати, кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажува јавно објавената ранг-листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит. Во листата има и многу звучни имиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петрушевски: Мартин Костовски, Марјан Даскаловски и Горан Герасимовски не можат да бидат иднина, само минато

Мартин Костовски, Марјан Даскаловски и Горан Герасимовски не можат да бидат иднина, само минато, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Мартин Костовски како пратеник беше извршител на сите наредби на Заев и Ковачевски, тој ги гласаше сите штетни договори и ја уназади државата. Куманово не смее да падне во рацете на Костовски. Марјан Даскаловски е човекот кој е десна рака на Заев за изборен криминал и корупција во Струмица. Со Даскаловски ќе остане пашалак на Заеви и Филипче. Горан Герасимовски кој аздисано троши народни пари, плаќа скапи адвокати и фрла пари на гориво со налози без основни податоци, на општина Центар гледа како на приватна ризница“, рече Петрушевски.
Додаде дека тројцата се продолжената рака на Заев и Филипче и сите се луѓе на врвот на СДСМ, а не на народот.
Македонија
СДСМ: Во ниту една земја пожарите не се гаснат со „хермелини“ од Армијата, граѓаните се бореа со лопати против огнот

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на денешната прес-конференција ја обвини Владата предводена од Мицкоски за неспособност и импровизација во справувањето со пожарите. Тој посочи дека институциите повторно потфрлиле, оставајќи ги граѓаните со лопати, сами да се борат со огнените стихии, без соодветна поддршка, опрема и логистика.
„Само 24 часа по ПР спектаклот со импровизираното противпожарно тело и хермелините од АРМ, видовме дека нема систем, нема подготовка, нема реакција“, изјави Трајчулевски, додавајќи дека владата цела година не набавила нова опрема, не вработила обучени пожарникари, ниту ја сервисирала флотата на авиони за гаснење.
„Дали во која било земја во светот се гасат пожари со БТР-и и хермелини од армијата? Ова не е ниту НАТО, ниту Европа. Ова е циркус. Наместо МИП – Македонска Интервентна Пожарна, ние гледаме „импровизирана“ противпожарна единица и евтин ПР. Проблемот е што последиците од вашата неспособност ги чувствуваат граѓаните на терен“, изјави Трајчулевски.
Како што рече, Владата имала буџет за луксуз и советници со високи плати, но не и за заштита на граѓаните. Тој додаде дека СДСМ веќе во март 2024 предложила закон за интегриран систем за кризен менаџмент, но владата не презела ништо.
Македонија
За еден ден казнети 902 возачи

Во текот на вчерашниот ден, сообраќајната полиција казни 902 возачи за разни прекршоци на територија на цела држава.
Според информациите од МВР, од вкупно 902 издадени платни налози дури 148 прекршоци се однесуваат на возачи кои што учествувале во сообраќајот без возачка дозвола.
Истовремено, 21 возач возеле под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, додека пак 220 возачи на мотоцикли се санкционирани заради неносење на заштитна кацига.
82 прекршоци се однесуваат на непочитување на пропишаната брзина на движење, 193 за неправилно паркирање, додека пак прекршочно се казнети уште 40 лица кои некористеле сигурносен појас.
Изречени се 33 санкции за користење мобилен телефон при возење, а прекршочни санкции добиле и 15 возачи почетници, пет возачи за престигнување и двајца возачи на електричен тротинет.
46 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а девет возила заради техничка неисправност.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за поголема безбедноста на патиштата“, велат од МВР.