Македонија
Од денес бесплатен посебен транспорт за стари лица и за лица со попреченост од Кисела Вода
Од денес Кисела Вода е првата општина каде повозрасните лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга, добиваат бесплатен превоз до потребната институција. Ова го содржи договорот потпишан од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и секретарот на Црвен крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска.
-Денес, ние како Општина Кисела Вода заедно со Црвениот Крст започнуваме со мерка која како целна група ги има повозрасните и изнемоштени лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник, негувател или личен асистент. Со повикување на еден телефонски број, тие можат да добијат бесплатен превоз до потребната институција за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга. Транспортот се врши во работни денови од понеделник до петок од 08:00 до 16:00 часот и се закажува 24 часа однапред. Притоа, Општина Кисела Вода ги обезбеди финансиските средства за услугата, а Црвениот Крст на користење ги става своите возила и човечките ресурси. Како локална самоуправа континуирано покажуваме дека се грижиме повозрасните лица да имаат поквалитетни и подобри услови за живеење. Ова е стратегија која ја развиваме и ќе ја продолжиме и во наредниот период, што подразбира дека тие можат да очекуваат испорака на повеќе социјални и здравствени услуги за помош и грижа како и спроведување на соодветни активности, за нивен активен и здрав живот-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Корисникот со живеалиште во општина Кисела Вода, кој има потреба од превоз, може да се јави на телефонскиот број 02/15330, во Контакт центарот на Црвениот крст, секој ден во текот на 24 часа, преку кој однапред би го закажал својот термин за превоз до одредена институција, по принципот на временски редослед на закажување. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација, и назад. Термин за превоз се закажува минимум 24 часа однапред, по принципот на прв дојден-прв услужен. Едно лице има право на бесплатен превоз во еден правец максимум 4 пати во текот на 1 година.
-Нашата идеја е заедно со локалната самоуправа да ги направиме социјалните сервиси подостапни, пред се, за лицата од трето доба, меѓутоа и за останатите граѓани кои имаат потреба, а не се во состојба самите тоа да го релизираат. Психосоцијалната поддршка која ќе дојде од страна на Црвениот крст, тимовите кои работат во делот со санитетскиот транспорт и социјалниот сервис нега во домот и итно копче навистина се новитет и искрено се надевам дека Општина Кисела Вода ќе биде пример и ќе ги поттикне останатите опшини и нивните градоначалници да го препознаат ова како позитивен елемент во модерното живеење на еден урбан град ,како што е нашето Скопје. Во моментот располагаме со четири возила. Нашата интенција е веќе наредната година да имаме две дополнителни возила и искрено се надеваме дека поддршката од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, како претседател на ЗЕЛС ќе ни овозможи мотивација на другите луѓе кои се одговорни и се носители на одлуки, па заеднички да го зголемиме возниот парк и веќе наредната година дополнителните две возила да ги ставиме на располагање, што пак значи дека многу поголем број на корисници ќе имаат услуга до овој социјален сервис-изјави секретарот на Црвен крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска.
Претседателот на Здружнието на пензионери на Кисела Вода кој присуствуваше на потпишувањето на договорот ја нагласи одличната соработка што ја имаат со Општина Кисела Вода и градоначалникот Ѓорѓиевски и го истакна бенефитот кој тие го имаат од вака договорената соработка помеѓу двете институции.
-Денес сум тука во име на пензионерите од Кисела Вода за да дадеме поддршка за реализација на уште еден проект кој е навистина потребен и битен за повозрасните жители на Кисела Вода. Благодарни сме бидејќи за истиот, претходно бевме консултирани од градоначалникот, како би дале свој придонес преку наши идеи кои ги отсликуваат потребите што ги имаме, без разлика дали се од здравствен или социјален карактер. Сакам да се заблагодарам за досегашната одлична соработка со градоначалникот Ѓорѓиевски и препознвајќи ја неговата желба максимално да се грижи и да им помага на пензионерите од нашата општина, убеден сум дека таа и во иднина ќе продложи со вакви и слични проекти. Воедно, сакам да се заблагодарам и на Црвениот Крст кој на директен начин ќе ни го олесни секојдневието, изјави Претседателот на Здружението на пензионери на Кисела Вода Момчило Петровиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

