Македонија
ЕВН исече над 150 зимзелени дрвја кај ридот Св.Илија

Велешките екологисти бараат одговорност поради сечењето од страна на ЕВН која деновиве исече над 150 стебла чемпреси, борови и елки.
Велешките екологисти бараат одговорност поради сечењето од страна на ЕВН која деновиве исече над 150 стебла чемпреси, борови и елки.До исечените дрва се наоѓа електричен далновод преку кој струја добиваат предавателите на повеќе компании што се наоѓаат на самиот врв „Свети Илија“. Далноводот, кој е подигнат по садењето на шумата, минува низ нејзиниот центар, иако од двете страни ридот останал гол од неколкуте пожари во изминатите десетина години. „Ова е последен пример на несовесност и деградација на животната средина во Велес. Надвор од здравиот ум е сечењето на дрва кои на градот му се повеќе од неопходни“, реагира првиот екологист д-р Ненад Коциќ.Екологистите од Еколошкото друштво „Вила Зора“ и еколошката групација „Грин Пауер“ од надлежните инспекции бараат веднаш да излезат и да утврдат кој ја сторил сечата, и сторителот соодветно да биде казнет. Екологистите очекуваат освен со пари сторителот да биде казнет и со обврска да засади три пати повеќе млади дрвца од оние што ги исекол.„Точно е дека ЕВН ги исече дрвата бидејќи тие пречеа на далноводот и за да не предизвикаат пожар мораа да бидат исечени,“ рече Портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски.Според него стручни лица од шумското стопанство „Бабуна“ од Велес, со кој ЕВН имал договор, ги одбележале дрвата кои требало да бидат исечени. Според договорот Велешкото шумско стопанство се обврзало за исечените дрва да засади нови на голините на ридот „Свети Илија“./крај/лисица/ди/ко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок Ф 80мм. на Јосиф Јосифовски-Свештарот 34 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Јосиф Јосифовски-Свештарот, дел од населбата Пролет, П.С.Пролет и Амбулантата на МВР.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.