Македонија
МАНУ: Формирана новата редакција на енциклопедијата

На денешниот состанок на МАНУ е избрана новата редакција која ќе ја пишува првата македонска енциклопедија, изјави за Макфакс, Академик – Митко Маџунков.
На денешниот состанок на МАНУ е избрана новата редакција која ќе ја пишува првата македонска енциклопедија, изјави за Макфакс, Академик – Митко Маџунков.Новиот главен редактор на редакцијата е Митко Маџунков, кој изјави дека од петте одделенија на МАНУ се избрани пет академици. Освен Маџунков, во редакцијата ќе учествуваат академиците: Милан Ѓурчинов, Иван Катарџиев, Алајдин Абази и Владо Матевски. Како соработници кои не се академици во редакцијата ќе учествуваат и: Д-р. Севим Пиличкова од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, проф. Драги Михајловски од Факултетот за Социологија, проф. Рамиз Абдули од универзитетот ЈИЕ- Тетово и д-р. Виктор Урумов од Природно-математичкиот факултет во Скопје. Академик Маџунков најави дека редакцијата во најбрз можен рок ќе свика седница и ќе започне со својата работа. Според него, пред да се започне со новата енциклопедија треба да се направи детална анализа на материјалите од старата енциклопедија и да се реши што ќе се прави со постоечката енциклопедија а потоа врз база на резултатите да се направи еден нов концепт.„Мојот став во врска со ова прашање е добро познат. Јас сметам дека работата со претходната енциклопедија е завршена. Треба да ставиме точка и да започнеме од ново,“ изјави Академик Маџунков за Макфакс, и додаде дека ова е негово лично видување но дека за сите прашања во врска со новата енциклопедија ќе се носи крајна одлука со консензус во редакцијата.Минатата година МАНУ ја објави првата македонска општа двотомна енциклопедија која беше проследена со бурни реакции во јавноста, поради нејзините содржини. Исто така беше забележано е не учеството на Академици од албанска националност во редакцијата на енциклопедијата./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.