Македонија
Мизерен директен пренос на МТВ од Шарпланинскиот куп

Македонската национална телевизија за време на денешниот директен пренос на вториот ден од 37-миот Шарпланински куп кој се одржува на Попова Шапка по кој знае кој пат се покажа дека не е на висина на задачата
Македонската национална телевизија за време на денешниот директен пренос на вториот ден од 37-миот Шарпланински куп кој се одржува на Попова Шапка по кој знае кој пат се покажа дека не е на висина на задачата.
За време на директниот пренос кој македонската национална телевизија го вршеше од велеслаломската трка, камерите на МТВ речиси ниту еднаш не успеаја навреме, ниту пак, точно да ја доловат атмосферата на оваа како што се декларира голема меѓународната скијачка манифестација, која се одржува под покровителство на Владата на Македонија.
Мизеријата одеше дотаму што и самиот коментатор на неколкупати јавно призна дека и покрај 5 те камери на теренот, реализацијата на преносот не успева да биде на посакуваниот професионален стандард.
Овој пренос само ја покажува трагедијата која и се случува на македонската национална телевизија која освен што е успешна во принудната наплата на радиодифузната такса, речиси ништо друго не ни може да им понуди на граѓаните , кои за жал се повеќе одбегнуваат да го гледаат македонскиот национален телевизиски канал
Инаку Словенецот Мартин Чатер со време од 1.40.78 е победник во велеслаломот на 37-то издание на Шарпланинскиот куп кој од 5-ти до 7-ми март се одржува на Попова Шапка.
Франц Промок од Австрија го освои второто место а Стефан Георгиев од Бугарија го освои третото место.
Од македонските натпреварувачи најдобро возење имаше Антонио Ристевски кој ја освои осмата позиција со време од 158.77, Дирзан Дехари се пласираше на 13-та позиција,Бесар Иљази се пласираше на 28-та а Гентијан Куртеши веднаш зад него на 29-та позиција.
Втората велеслаломска трка ја започнаа 45 скијачи кои обезбедија пласман од првата трка, а лошото време создаваше проблеми на натпреварувачите бидејќи на стартот имаше сонце а на финишот од трката маглата ја намалуваше видливоста.
Иако директорот на купот Бојан Крижај изјави дека очекува публика од околу 10 000 луѓе, посетеноста на првиот ден од Шарпланинскиот куп беше далеку помала
Во овогодишното издание на Шарпланинскиот куп Македонија е претставувана од 6 скијачи а Грција е државата со најмногу претставници на Попова шапка дури 27.
Утрешната прва трка во слалом е закажана за девет часот наутро а втората слаломска трка за 12 часот на пладне. Прогласувањето на победниците и доделувањето на медалите е закажано за 14 часот.
Во почесниот комитет на Шарпланинскиот куп оваа година се Премиерот Никола Груевски, Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, Министерот за економија Фатмир Бесими, Министерот за информатичко општество Иво Ивановски, поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт Драган Ѓурчевски, Генералниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чинговски, Наташа Јаневска и Сади Беџети. /крај/сл
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.