Македонија
ДУИ бара измени на изборниот законик

Изборниот законик да претрпи измени, наместо досегашните шест сега во земјава да има само една изборна единица со отворена листа.
Изборниот законик да претрпи измени, наместо досегашните шест сега во земјава да има само една изборна единица со отворена листа.
Ова денеска за прв пат го побара потпретседателот на ДУИ Рафиз Алити, одговарајќи на новинарско прашање, дали годинава би можело да има предвремени парламентарни избори.
Резервиран во одговорите по прашањето за предвремени избори, но Алити со јасна порака до коалицискиот партнер, потребни се измени во изборниот закон а потоа организирање на евентуални предвремени парламентарни избори.
„Законот за одржување на избори треба да претрпи промени, така што наместо шест изборни единици во Македонија би требало да имаме само една изборна единица, за време на парламентарните избори да одиме со отворена изборна листа“, изјави Алити во Собранието.
Според него со отворени листи, во кои на гласачкото ливче ќе биде испишано само името и презимето на кандидатот, а нема да има партиски обележја, секој политички субјект, парламентот и гласачкото тело ќе имаат поголем избор
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева не знаеше да каже дали е прифатливо барањето на коалицискиот партнер ДУИ за само една изборна единица, но истакна дека наредниот период ќе го разгледуваат барањето на ДУИ.
„Не можам во име на партијата да кажам, бидејќи јас сега првпат го слушам ова барање, но она што можам да кажам е дека во наредниот период ќе биде разгледано барањето од наша страна и нормално ќе следува процес на усогласувања“, рече Бонева.
Барањето за отворена листа и една изборна единица во Македонија го поддржуваат и пратениците на Нова Демократија./крај/рќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до Тошковски: До сега полицијата не постапуваше по заканите, сега се заканува, што е следно

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вели дека полицискиот службеник Синан Алили ѝ упатил закани на социјалните мрежи.
Во објава на својот Фејсбук профил, Арсовска напиша дека по нејзино прашање дали се работи за закана или ѝ се причинило, Алили го избришал коментарот.
„Синан Алили кога го прашав дали ми се заканува или така ми се чини инстант го избриша коментарот. Сигурно од Министерство за внатрешни работи и Панче Тошковски се исклучително горди на овој свој полицаец.
И сега да прашам, ми препорачува Синан да бидам добра и глас да не ми се слуша. А ако според него не сум и не молчам тогаш што“, прашува Арсовска во напишаното.
Дополнително упатува и прашање до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Овие кадри треба да ни ја гарантираат безбедноста Панче? До сега полицијата не постапуваше по заканите, сега полиција се заканува, што е следно?
Да, жена сум и не ви се плашам, ама дека не постапувате и штитите криминалци кои со фалсификат документи имаат стекнато над 150 згради вредни милиони, гледа народ, пишува Арсовска.
Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.