Македонија
Државниот завод за ревизија ќе има и заменик директор
Комисијата за финансирање и буџет на денешната седница го прифати извештајот на Законодавно – правната комисија која усвои амандман предложен од ДУИ со кој се враќа функцијата заменик државен ревизор.
Комисијата за финансирање и буџет на денешната седница го прифати извештајот на Законодавно – правната комисија која усвои амандман предложен од ДУИ со кој се враќа функцијата заменик државен ревизор.
Со амандманот се овозможува во Државниот завод за ревизија, освен главниот државен ревизор да има и негов заменик, како и условите под кои им престанува мандатот.
Според претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Јован Манасијевски новата функција што се воведува е резултат на договорот меѓу лидерите на владеачката коалиција Никола Груевски и Али Ахмети.
„Во сите претходни фази на донесувањето на Законот за државна ревизија немаше поддршка за да се воведе уште една функција односно заменик на државниот ревизор. Но по последната средба Груевски и Ахмети очигледно било договорено огромната гломазна администрација да се зголеми со уште еден партиски функционер. Со овој амандман единствено се овозможува да се зголемат трошоците во Буџетот“, истакна Манасијевски.
Законот за државна ревизија Манасијевски посочи дека клучните проблеми на овој закон остануваат нерешени и дека законот и понатаму нема да биде усогласен со европското законодавство.
Манасијевски вели дека Република Македонија ќе биде уникатна земја каде што конечните ревизорски извештаи нема да се разгледуваат на надлежно собраниско тело.
Тоа што земјата нема надлежно тело за разгледување на ревизорските извештаи како што укажа Манасијевски, ќе има негативен извештај од Европската комисија(ЕК), а од друга страна, како што вели тој, дебатата за ненаменски трошења во парламентот ќе биде блокирана.
Како пример тој посочи дека надлежно тело кое што ги разгледува ревизорските извештаи имаат сите европски парламенти, а од пред две години ваква надлежна комисија составена од повеќе членови има и парламентот на БиХ.
„Опозицијата досега поднесе четириесетина амандмани во кои предлагавме разни модалитети меѓу кои да се формира посебна комисија за јави сметки и расходи или пак да профункционира соодветна поткомисија која би работела во рамките на Комисијата за финансирање и буџет. За жал ниту еден од овие амандмани не беше прифатен затоа што целта е да не се расправа за конечните извештаи на ДЗР“, вели Манасијевски. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

