Македонија
Владата ќе ја зголеми поддршката за малите и средни претпријатија
Зголемувањето на поддршката за мали и средни претпријатија, како и привлекување на странски инвестиции во делот на автомобилската индустрија, производството и дистрибуција на храна, се приоритет на Владата.
Зголемувањето на поддршката за мали и средни претпријатија, како и привлекување на странски инвестиции во делот на автомобилската индустрија, производството и дистрибуција на храна, се приоритет на Владата. Ова, како што јавува Гласот на Америка на македонски, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во фондацијата „Херитиџ“ во Вашингтон, каде говореше за силните страни на земјата како бизнис-дестинација и за напорите да создаде клима за привлекување за странските инвеститори. Ставрески, кој викендов во Вашингтон учествува на пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, беше категоричен дека македонската влада има нулта толеранција за корупцијата во општеството. Прогнозирајќи како ќе се развива економската слика во иднина, тој рече дека очекува растеж од два проценти. „Поедноставувањето на административните постапки за стопанството, редуцирањето на регулативата, таксите и тарифите и намалувањето на трошоците за започнување на бизниси се само мал дел од реформите спроведени изминативе години со кои Македонија оствари огромен напредок според Индексот на економска слобода на Херитиџ“, подвлече Ставрески. Во Извештајот на фондацијата за 2010 година, Македонија е рангирана 22. места погоре од лани. Со 65,7 индексни поени се најде на 56. место од вкупно 179 земји во светот. Изминатите години беше на 78. место со 61,2 индексни поени. Македонија, според податоците на Херитиџ, има забележано четврти најголем подем во економската слобода од 179-те рангирани земји. Истражувањето на „Херитиџ“ се базира на 10 параметри: бизнис-слобода, слобода на увоз-извоз, фискална слобода, финансиска слобода, монетарна слобода, трошоци на Владата, криминал и корупција, слобода на инвестирање, работнички права и сопственички права. /крај/воа/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

