Македонија
Ревизијата на избирачкиот список е неминовна
“Прочистен избирачки список – клучен фактор за фер и регуларни избори“ се темата на денешната дебата во организација на Институтот за социјална работа “Прогрес“ на која сите учесници беа со јасен став – ревизија на избирачкиот список.
“Прочистен избирачки список – клучен фактор за фер и регуларни избори“ се темата на денешната дебата во организација на Институтот за социјална работа “Прогрес“ на која сите учесници беа со јасен став – ревизија на избирачкиот список.
Александар Новаковски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК), посочи дека ДИК мора да ја има водечката улога за сите прашања со избирачкиот список, која улога во моментот ја има Министерството за правда.
“Политичките партии мораат да бидат вклучени во префрлањето на избирачкиот список во ДИК, бидејќи ДИК треба да биде надлежно тело“ истакна Новаковски, кој како забелешка ги посочи бројот на запишани граѓани – гласачи, чиј број е поголем од реалниот.
Наталија Дрозд, амбасадор на мисијата на ОБСЕ во Македонија, рече дека властите треба да дадат средства за персонал и простории за одговорностите што ќе ги добие ДИК со префрлањето на избирачкиот список под негова надлежност
“ОБСЕ ја вреднува посветеноста на Владата, што ги почитува препораките од ОБСЕ, ОДХР и Венецијанската конвенција, а нашите пораки се јасни – процесот на ревизија на гласачкиот список треба да биде транспарентен и инклузивен, истакна Дрозд.
Претставниците на политичките партии сметаат дека префрлувањето на избирачкиот список во ДИК е важна работа и изразија надеж дека во овој процес ќе се вклучат сите чинители.
Ристана Лалчевска од Либералната партија изрази надеж дека денешната дебата ќе испрати еден сигнал за поажурно следење на изборите и дека со ревизијата на избирачкиот список ќе се влее доверба за фер и демократски избори./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Економијата и инвестициите во фокусот – работни средби на Муцунски во Литванија
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари одвоени средби со министерот за економија на Литванија, Едвинас Грикшас, и со претседателот на Конфедерацијата на индустријалци, Видмандас Јанулевичиус.
На средбите, Муцунски го претстави силниот ангажман на Владата за создавање поволна деловна клима преку атрактивни стимулации, современа регулатива и висококвалификувана работна сила. Тој истакна дека привлекувањето нови компании во клучни области како технологијата и иновациите, отворањето работни места и забрзувањето на економскиот раст и развој се врвен приоритет на економскиот ресор.
Разговорите беа насочени и кон можностите за интензивирање на економската соработка, како и кон конкретни иницијативи за унапредување на трговијата и инвестициите меѓу двете држави – на владинo и на компанискo ниво.
Македонија
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е исправна и може непречено да се употребува, велат од „Водовод“ по труењето во училиштето
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека по извршениот вонреден мониторинг, водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е целосно безбедна за употреба.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје на ден 26.11.2025 година изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ Димо Хаџи Димов, општина Карпош.
Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“.
Македонија
(Фото) Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“, Герасимовски најави расчистување на бесправните објекти
Во рамките на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов“ бр. 139 во Дебар Маало, соопштија од Општината.
Конструкцијата била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.


„Јавните површини во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Градежниот инспектор издал решение со кое на инвеститорот „Екотон Дизајн“ му било наложено да ја отстрани нелегалната доградба. Бидејќи инвеститорот не постапил по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстранија бесправно изградената конструкција.


„Општина Центар спроведува континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти. Целта е заштита на јавниот интерес и враќање на просторот на граѓаните, како дел од пошироката стратегија за уредување и подобрување на урбаниот простор во општината“, соопштија од Општина Центар.

