Македонија
Опозицијата остро реагира на вчерашната изјава на министерот Милошоски
Вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски дека нема да биде изненадување доколку Грција не и дозволи на Европа да се прошири, кај опозицијата предизвика остра реакција.
Вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски дека нема да биде изненадување доколку Грција не и дозволи на Европа да се прошири, кај опозицијата предизвика остра реакција.
„Би сакал на граѓаните да им порачам дека веќе е беспредметно по оваа изјава на министерот Милошоски да очекуваме да ни помогнaт Европската унија, НАТО, или пак САД. Овојпат ќе мораме сами да си помогнеме. Тоа значи на следните избори да ги поразиме оние кои не сакаат Македонија во ЕУ“, вели Андреј Жерновски од ЛДП.
Тој рече дека со жал мора да констатира дека Македонија не ја сака Европа, а не обратно.
Горан Мисовски од НСДП смета дека изјавата на министерот за надворешни работи само ги потврдува укажувањата на опозицијата дека Евроатланската агенда на ВМРО-ДПМНЕ е на последно место.
„Мислам дека ова е дел од сценариото на ВМРО-ДПМНЕ во една атмосфера на контролирана нестабилност да се дојде до предвремени избори. Сите овие потези во изминатите 13 месеци кои што ги влече владеачката партија се плашам дека РМ ја враќаат пред кандидатскиот статус“, изјави Мисовски.
Сулејман Рушити од Нова демократија рече дека изјавата на министерот Милошоски е политички гаф и кажување на вистината на Владата.
„Ние секој ден слушаме од страна на Владата што другите земји мислат, односно работат за евроинтеграциите на РМ, но не знаеме дали Владата, министерство за надворешни работи и секретаријатот за европски прашања работат во таа насока. За жал се потврди тоа што ние сме го кажале дека приоритет на оваа Влада не се евроинтеграциите на земјава, а тоа се докажа и од страна на министерот за надворешни работи“, истакна Рушити.
На вчерашната трибина на ВМРО-ДПМНЕ министерот Милошоски изјави дека шпанското претседателство е една добра прилика, но дека нема да биде изненадување доколку Република Грција како што рече заради себични причини не успее да и дозволи на самата Европа, да го прошири и да го надгради својот кредибилитет./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.
Македонија
(Видео) Роџер – терапевтскиот лабрадор кој им носи смиреност и поддршка на пациентите на Клиниката за психијатрија
ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје доби нов член во својот тим – Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, вдомен неодамна и вклучен во активности со асистенција на животни (Animal Assisted Activities).
Како што соопшти Клиниката, Роџер за кратко време се прилагодил на персоналот и пациентите и веќе е прифатен како четириножен „колега“. Според директорката, Славица Арсова, вдомувањето е дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, вели Арсова. Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти – индивидуално или во групи – секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите.
За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него се грижат членовите на персоналот. Под надзор и мониторинг, постепено во грижата се вклучуваат и пациенти – со нивна согласност.
Активностите започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт во просториите каде што има храна или лекови, а неколку пати дневно има подолги прошетки со вработените или со пациенти-доброволци од дневната болница.
Од Клиниката посочуваат дека лабрадорите се меѓу најчесто користените раси во активности со асистенција на животни поради смиреноста, трпеливоста, предвидливото однесување, високата емпатија и социјална интелигенција.
„Тие интуитивно реагираат на човечки емоции и природно нудат утеха преку присуство, без наметнување“, додава Арсова.
Клиниката наведува дека сите овие карактеристики ги поседува и Роџер, кој веќе донел многу позитивна енергија во установата.
Македонија
Поддршка за новиот закон, пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести, велат од Институтот за медицина на трудот
Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и недвосмислена поддршка за Предлог-законот за заштита од пушење.
Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право. Од таму велат дека секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.
„Нагласуваме дека работниците во угостителскиот сектор, се меѓу најранливите групи. Овие вработени често се изложени на високи концентрации на тутунски чад во текот на целото работно време, кое често надминува 8 часа дневно. За овие работници, „пасивното пушење“ не е избор, туку претставува сериозен здравствен ризик кој потекнува од нивното работно место. Научните докази се јасни: не постои „безбедно“ ниво на изложеност на чад или аеросоли од тутунски и никотински производи. Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност како јавно-здравствена установа е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета“ на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски“, се наведува во соопштението.
Затоа, Институтот ги повикува работодавачите, особено во угостителството, да ја поддржат примената на законот како мерка за безбедност при работа, а не како „казна“; работниците да го препознаат правото на чист воздух како дел од правото на безбедно работно место; инспекциските и надлежните органи да обезбедат доследна примена, затоа што само така законот ќе ја исполни својата цел.
„Со спроведувањето на овие мерки, не само што ги штитиме поединците, туку и ја зајакнуваме нашата економија преку намалување на боледувањата и продолжување на животниот век на нашата работна сила. Институтот за медицина на трудот на РСМ цврсто стои зад овој закон. Јавното здравје и безбедноста на нашите работници мора секогаш да имаат предност пред комерцијалните интереси. Повикуваме на поддршка од сите чинители за оваа транзиција кон почиста, поздрава и попродуктивна работна средина за сите работници во нашата земја“, се наведува во соопштението.
фото/Depositphotos

