Македонија
Изградба на внатрешен консензус – прв чекор кон надминувањето на спорот со Грција
Македонија, преку обезбедување на внатрешен консензус да работи на надминување на спорот со името и интеграцијата во Европската Унија, но и во меѓувреме да работи на јакнење на партнерството со САД и Русија, велат експертите што ги консултираше Макфакс.
Македонија, преку обезбедување на внатрешен консензус да работи на надминување на спорот со името и интеграцијата во Европската Унија, но и во меѓувреме да работи на јакнење на партнерството со САД и Русија, велат експертите што ги консултираше Макфакс. Според поранешниот шеф на македонската дипломатија, Денко Малески, многу е тешко во наредниот период да се очекува надминување на спорот со името. Смета дека изградбата на внатрешен консензус е првиот чекор што Македонија треба да го направи за надминување на спорот со Грција. Атина и Скопје, а не странските сили, ги посочува како главни фактори за решавањето на проблемот. „Ова е прашање кое не може никој од надвор да ни го реши. Ова не е прашање од типот на 2001-ва кога мирот беше загрозен. Секакви аналогии со некаква тајна интервенција, која ја прават нашите опозициски партии, можно е да е погрешна. Тоа мора да биде наше дело. Се разбира, мора да се изработи добар компромис, оти има и лоши компромиси. Но, посветеноста да се бара компромис и да се изгради единство внатре, ќе биде првиот сигнал, дека можеби во некое догледно време ќе се најде решение. За жал, работите не одат во таа насока. Имено, сега се поларизира внатрешната политичка сцена околу тоа прашање“, вели Малески за Макфакс. Според Малески, интеграција на земјата во Европската Унија ќе обезбеди трајна стабилност за земјата и за поширокиот регион. Слично мислење со него дели и професорот по Европска интеграција и европски политики, Лазар Лазаров. „Штета е Македонија да се остави како потенцијално жариште. Со Косово се уште ништо не е решено, сериозен проблем за Балканот е и Босна. Мора да се реши ова, поради тоа што е од интерес на Европската Унија. Без Македонија нема мир на Балканот, а со тоа ни во Европа“, изјави Лазаров за Макфакс. Но, сепак Лазаров го става под знак прашање влијанието на надворешната политика на Европската Унија во целост и во однос на прашањето со името. Смета дека земјата, во време на блокирани евро-атлантски интеграци мора да разгледува и други алтернативи во својата надворешна политика, како што се партнерство со САД и Руската Федерација. „Тоа не треба да значи целосно откажување од Европската Унија, но секогаш треба да имате друг можен излез. Секогаш треба да се има алтернатива. Ние не треба да вртиме грб на Руската федерација, и од економски, и од политички и од стратешки аспект. На ЕУ треба да и дадеме до знаење дека нивното барање не може да се исполни. Доколку вие на некое куче Шарко му се повикате со Мурџо, тоа ќе ве игнорира. Значи, секој има право на свој идентитет. Мое право е од утре ако сакам да бидам Кинез, но некој друг не може да ни го менува името. Нема никаква логика во тоа“, вели професорот Лазаров, кој слично како професорот Малески, критикува за недостаток на консензус за прашањата поврзани со надворешната политика. Поранешниот шеф на дипломатијата Малески останува цврсто на определбата за интеграција на Македонија во Европската Унија. „Јас не гледам друга можност освен да чекориме онака како што чекори Европа. Треба да ги правиме нужните компромиси, да се бориме за најдоброто што може да го добиеме, да го отклониме од партиските програми она што е провокација за соседите и да чекориме кон тој пат по кој што сите одат. Ние не можеме да останеме изолиран остров“, изјави Малески. Според него, честите средби на Груевски и Папандреу може да се толкуваат и исчекор напред на грчката дипломатија од својата своевремена позиција и да се согласат името Македонија да биде содржано во евентуалниот компромис. Но смета дека македонската страна, за сега, не е подготвена за таков компромис, пред се, поради тоа што, позицијата за одбрана на уставното име е градена од сите влади во последните 20 години. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

