Македонија
Велешкиот суд со блокирана сметка и без претседател
Блокирана е сметката на Основен суд Велес, пренесува веб порталот „Лисица“.
Блокирана е сметката на Основен суд Велес, пренесува веб порталот „Лисица“.
Адвокат од Гевгелија побарал преку извршители да си наплати долг кој судот го имал кон него, но не успеал во тоа бидејќи министерството за правда не предвидело таква ставка на побарувања. Тоа било причината сега тој принудно да си го наплаќа долгот.
Ве де претседателката на судот Виолета Мојсова ја потврди оваа информација, но не открива детали, само кусо коментира дека работат на решавање на проблемот.
Не одговори ниту колку време судот функционира без да управува со финансиите. Неофицијално тоа трае повеќе од дваесет дена. Поради ова дел од судењата се стопирани, а оние предмети во кои судот треба да плаќа за вештачења се прекинати и чекаат на одблокирање на судската сметка.
Во меѓувреме велешкиот суд нема ниту претседател и по два распишани конкурси.Републичкиот судски совет не може да избере ниту еден од тројцата пријавени кандидати.
Мандатот на екс претседателот Шефшет Адеми истече пред повеќе од половина година. Прв човек на судот ќе се бира на трет конкурс./крај/лисица/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.
Македонија
Советот го поддржа предлогот на градоначалникот Лукровски за покривање на трошоците за комунални услуги на основните училишта во Општина Карпош
Советот на Општина Карпош одржа вонредна седница на која се разгледуваа четири точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока, советниците го поддржаа Планот на Програми за развој на локалната самоуправа за 2026 година. Имено, согласно потребите од областа на комуналните работи и уредување на просторот, ќе бидат преземени одредени активности за подобрување на инфраструктурните капацитети во општина Карпош.
Станува збор за капитални инвестиции во инфраструктурни објекти какви што се реконструкција на повеќе улици, спортски сали во рамки на основните училишта „Братство“ и „Димо Хаџи Димов“, интервенции во фекални и атмосферски канализации, како и изградба на детската градинка „Пролет“ во населбата Козле и „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе.
Потребниот консензус беше постигнат и за Предлог – Одлуката за изменување и дополнување на Општинскиот Буџет, односно ребалансот за 2025 година. Според образложението, потребата за донесување на оваа Одлука произлезе од доделувањето на средства поради зголемен износ на данок на додадена вредност (кој го исплаќа Министерството за финансии) за износ од 2.130.000 денари, како и промени на средствата во приходните и расходните ставки во колоните во косолидираниот Буџет на општината. Поточно, во консолидираниот Општински Буџет за 2025 година има промени во приходниот дел, каде што претходниот износ од 1.853.654.953 денари се зголемува на износ од 1.857.766.953 денари. Во колоната – Буџет на Општина Карпош за 2025 година има промени во приходниот дел, каде што претходниот износ од 1.059.141.953 денари се зголемува на износ од 1.061.771.953 денари. Во рамки на дебатата која се разви по оваа точка, градоначалникот Сотир Лукровски излезе пред советниците со конкретен Предлог – амандман, со кој ќе бидат пренаменети неискористените општински средства за патување во странство и расходи за репрезентација. По предлог на првиот човек на Општината, овие парични средства ќе бидат пренасочени за покривање на трошоци за комунални услуги на основните училишта од Општина Карпош. Во таа насока, мнозинството советници го поддржа предлогот на градоначалникот Лукровски, кој ќе биде составен дел од Предлог – Одлуката за изменување и дополнување на Општинскиот Буџет.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за изменување и дополнување на на Програмата за активностите во областа на спортот за 2025 година. Станува збор за измена во проектните активности за Училишните спортски лиги на Карпош за 2025 година, за стипендии за талентираните основци – спортисти од Карпош, како и за еднократна поддршка за спорт и рекреација. За Училишните спортски лиги се менува досегашната финансиска рамка од 2.050.000 на 2.624.000 денари. Фондот за стипендии за талентирани
ученици – спортисти од VIII и IX одделение од 1.100.000 денари се менува на 1.000.000 денари. Во делот за еднократна финансиска поддршка за спорт и рекреација, износот од 1.000.000 денари се менува на 765.000 денари, од каде останатите 235.000 денари се префрлаат во фондот за Училишни спортски лиги на Општина Карпош за 2025 година.
Соодветна корекција претрпе и Програмата во областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2025 година. Имено, советниците ја поддржаа измената во третата точка од оваа Програма, која се однесува на парична помош за лицата односно семејствата кои се наоѓаат во социјален ризик, или пак им се потребни финансиски средства за лекување. За таа намена се зголемува досегашниот износ од 7.000.000 денари на 9.000.000 денари.

