Македонија
Започна распределбата на бесплатните учебници за 2010/2011
Учебниците за петто одделение се отпечатени и започна нивната дистрибуција, објави денеска Министерот за образование и наука, Никола Тодоров при делењето на комплети учебници за петтодделенците во скопското училиште „Дане Крапчев“.
Учебниците за петто одделение се отпечатени и започна нивната дистрибуција, објави денеска Министерот за образование и наука, Никола Тодоров при делењето на комплети учебници за петтодделенците во скопското училиште „Дане Крапчев“. „Испечатени се над 210.000 учебници за 5-то одделение. Знаете дека овие книги се во рамки на делот на надлежностите на МОН, книги чии авторските права ги има само МОН и кои се печатат од страна на МОН,“ рече Министерот и додаде дека привршува и печатењето на книгите за осмо одделение кои за два до три дена би требало да бидат готови и да се започне со нивна дистрибуција. Министерот Никола Тодоров најави дека оваа година ќе бидат испечатени учебниците кои не беа испечатени лани, односно учебниците по музичко, физичко, ликовно и техничко образование.Тој извести дека учебниците од 1-во до 3-то одделение не ги печати министерството, но сепак најголем дел од тие книги се обезбедени и ќе бидат дистрибуирани на почетокот на наредната недела.„За сега од 20 учебници за 5-то одделение дистрибуирани се седум предмети, останатите три ќе бидат доставени наскоро,“ рече Тодоров.Наместо учебниците да се земаат од дистрибутивни центри, како што беше досега, оваа година тие ќе бидат доставувани до секое училиште.Проектот за бесплатни учебници започна минатата година и истиот чинеше околу една милијарда денари кои беа искористени за печатење на околу 4 милиони учебници./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кабинетот на Гаши: Неточни се тврдењата на ДУИ за средбата со делегацијата на албанското собрание
Тврдењата на ДУИ за средбата со делегацијата на Собранието на Република Албанија се целосно неточни и претставуваат намерно искривување на фактите, велат од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Се наведува дека за првпат во историјата на Собранието, претседателката на парламентот на Република Албанија беше пречекана со највисокиот државен протокол, што ја демонстрира посветеноста на претседателот на Гаши за градење силни и взаемно почитувани односи со Република Албанија.
„Средбата беше целосно транспарентна, отворена за јавноста и медиумите, при што претседателот на Собранието, Африм Гаши, го одржа својот говор на албански и македонски јазик, строго придржувајќи се до законот, Деловникот и Уставот. Секоја изјава што се разликува од ова претставува неосновано обвинување и навреда, не само за претседателот на Собранието, Гаши, туку и за самиот институционален интегритет на Собранието, како и обид за искривување на вистината. Ваквите тврдења ги поткопуваат вредностите и ја загрозубаат вистината и единството“, велат од неговиот кабинет.
Со оваа прилика, претседателот на Собранието, Гаши, упатува повик до опозициските политички партии да ја извршуваат својата опозициска улога со повеќе креативност и конструктивност.
Македонија
„Воздухот ни е отров, власта ни е глува“ – скопјани излегоа на протест против загадувањето
Со пароли „Воздухот ни е отров, власта ни е глува“, „Партиска книшка штити од загадување???“ и повици за чист воздух, скопјани протестираа поради загадувањето во главниот град.
Протестниот марш почна од пред Министерството за животна средина, а заврши пред Град Скопје, не заобиколувајќи ги ниту Владата и Собранието.
Собраните на протестот упатија повеќе барања кон надлежните, меѓу кои постојан мониторинг на индустриските објекти за да се откријат загадувачите. Побарано беше и еколошко загревање на објекти кои се уште користат мазут, како и потребата да му се даде проиоритет на јавниот превоз и велосипедите, наспроти автомобилите кои загадуваат. Демонстрантите повикаа и на подобро управување со отпадот.
Организаторите истакнаа дека надлежните сè уште не одговориле на нивните барања за чист воздух по протестот што се одржа на 10 декември.
Протестот го поддржаа „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Скопје смог аларм“, „Независни за Карпош“, „O2 иницијатива“, „Зелените од Гази Баба“, „Иницијатива за ослободување од еднократна пластика“, „На точак“, „Go Green – Биди зелен“ и „Слобода на говорот“. Претходно денес стигна поддршка и од политичката партија ДОМ која повика на промоција на обновливи извори на енергија и воведување на енергетски ефикасни решенија до зајакнување на инспекциските контроли и казнување на загадувачите.
Според информациите на Светската банка објавени минатата недела, загадувањето годишно убива 2.800 државјани на Македонија, а жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2,5 честички, во споредба со граѓаните во земјите од Западна Европа.
Македонија
Сиљановска-Давкова, Мисајловски и Лафчиски предновогодишно со македонските мировници и нивните семејства: горди сме на нашата Армија
Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска (28 декември) во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец преку видео-конференциска врска разговараа со македонските мировници ангажирани во мировни мисии и операции во странство.
Во присуство на стотина членови на семејствата на мировниците, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека е горда на припадниците на Армијата кои се во миротворни мисии, но дека е уште погорда на нивните семејства и дечиња.
„Навистина, многу му благодарам на министерот за одбрана, бидејќи ова што се случува овде нè спојува со нивните родители и мислам дека нема да има погорди од нив на своите татковци во мисиите“, рече претседателката.
Сиљановска-Давкова им порача на мировниците да ја завршат работата професионално и дисциплинирано и да се вратат здрави и живи.
„Бидете во постојан контакт со нас и со вашите семејства и бидете сигурни дека во ваше отсуство ние ќе се грижиме за нив. Нашите мисли се со вас. Она што го правите навистина е за огромен респект. Од срце ви посакувам најубава 2025 година, вам, на вашите дечиња, на вашите семејства“, рече претседателката.
Началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски порача дека на овој традиционален настан семејствата на мировниците имаат можност да видат како Армијата се грижи за своите мировници.
Преку видео конференциската врска говореа и претставниците на македонската Армија кои извршуваат задачи во мисијата на НАТО на Косово, КФОР, ЕУ операцијата во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, мисијата на ООН во Либан, УНИФИЛ и мултинационалните сили на НАТО во Бугарија и Романија.
По неформалното дружење на семејствата на мировниците со претседателката Сиљановска-Давкова, министерот Мисајловски и генералот Лафчиски, на децата им беа поделени новогодишни пакетчиња.
Предновогодишната активност беше заокружена со традиционалното пристигнување на Дедо Мраз со хеликоптер и поделба на пакетчиња на децата на припадниците на Армијата и вработените во Министерството за одбрана.