Македонија
Колку студентите го практикуваат правото на слободен пристап до информации?
Правната клиника на Правниот факултет при УКИМ ќе им помага на студентите да го остварат своето право на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Правната клиника на Правниот факултет при УКИМ ќе им помага на студентите да го остварат своето право на слободен пристап до информации од јавен карактер. Студентите кои сакаат да знаат дали на пример има фирми кои стипендираат студенти на нивниот факултет, кои се тие фирми, колку студенти стипендираат, која е висината на стипендиите или на пример со кои странски факултети нивниот факултет има договор за размена на студенти или дали факултетот нуди курсеви, семинари и обуки што не се дел од задолжителната настава односно се дел од неформалното образование, ќе можат да ги добијат овие информации по регуларна постапка согласно законот за слободен пристап до информации. На Правната клиника студентите ќе можат да добијат помош од моментот на составување на барање за пристап до информацијата па се до застапување на студентот пред институциите во државата. Студентот има законско право на жалба пред комисија доколку не добил одговор, како и право на судска заштита. „Законот дава право откако барателот ќе поднесе барање за слободен пристап до информации да добие пристап до информации од јавен карактер во рок од 30 дена и при тоа тој има право да не ја образложува причината зошто му е потребна бараната информација,“ рече Данче Даниловска Бајдевска, претставник на Фондација Институт „Отворено општество Македонија (ФИООМ), и додаде дека секоја институција е должна да го даде одговорот кое барателот го интересира. Сите физички и правни лица може да добијат право на пристап до информации од јавен карактер, информираат од Правната клиника. Ако институцијата ја нема бараната информација, таа е должна да го препрати барањето на студентот до друг имател за кој сметаат дека ја има таа информација, што значи дека од студентот не се очекува точно да знае кој ја има информацијата, објаснува Даниловска Бајдевска. Всушност студентот се обраќа кон еден имател (институција) а тој имател има обврска да го најде вистинското место каде лежи одредената информација. Правото на слободен пристап до информации беше тема на трибината „Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер како алатка за остварување на студентските права“ организирана од Правната клиника.крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

