Македонија
Мисини оптимист дека собранискиот инцидент ќе биде расчистен до 26 октомври
Анкетната комисија која работи на расчистување на првојулскиот собраниски инцидент го продолжи рокот за работа за уште еден месец, односно до 26 октомври и според претседателот на Анкетната комисија, Хајрула Месини случајот ќе биде расчистен до предвидениот датум.
Анкетната комисија која работи на расчистување на првојулскиот собраниски инцидент го продолжи рокот за работа за уште еден месец, односно до 26 октомври и според претседателот на Анкетната комисија, Хајрула Мисини случајот ќе биде расчистен до предвидениот датум.
„Не стоиме во место, ние работиме, имаме договор со членовите на Анкетната кога имаме пленарни седници да не работиме, за да можат да придонесат за работата во Собранието. Оптимист сум дека ќе завршиме во дадениот рок“, изјави денеска Мисини.
Тој најави дека ќе свика седница на Комисијата првиот ден кога нема да има пленарна седница и информираше дека ги имаат сите потребни материјали за работа.
Илија Димовски, член на Анкетната комисија, денеска изрази јавно негодување за бавноста со која што работи комисијата.
„Причините може да бидат повеќе, можеме да се обвинуваме меѓусебно, има објективни причини поврзани со стенограми, со сослушување на луѓе, но можеби има и субјективни“, рече Димовски.
Впечатокот дека двете страни се без волја за да се заврши со работата на Комисијата, според Димовски, не е изграден врз сериозни информации.
„Ние немаме интерес да ја стишуваме таа работа и да ја тргаме на страна , поради тоа што наши пратеници не учествуваа во инцидентот“, рече Димовски.
Менде Диневски, член на Анкетната од СДСМ, смета дека работата на комисијата е опструирана. И според него постојат објективни и субјективни причини за бавното работење и вели дека неговиот став е што поскоро завршување и излегување на вистината на виделина.
„Она што загрижува во овој момент е последната изјава на претседателот на Собрание, Трајко Вељаноски, кој по примерот на министерката за внатрешни работи во вчерашното негово интервју во еден печатен медиум се обиде да ја заврши работата на Анкетната комисија, што сметаме дека е груб атак врз работата на Анкетната комисија и пораз за парламентарната демократија во Македонија“, додаде Диневски.
Од друга страна, пак, Димовски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека секој има право на сопствено мислење врз основа на информациите кои ги поседува.
„И членовите на Анкетната од опозицијата неколку пати си го кажале својот став, кој е спротивен на претседателот и тука нема ништо спорно. Комисијата треба врз основа на факти, искази и докази да ја утврди вистината“, вели Димовски.
Анкетната комисија која треба да го расчисти инцидентот што се случи на први јули годинава во Собранието, требаше да зварши со својата работа на 26-ти минатиот месец./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маричиќ: Евроинтеграцијата е премногу важна цел за да се потклекне пред предизвиците
Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ ја пречека Вицепремиерката за европски прашања на Република Молдавија Кристина Герасимов. По остварената средба во Секретаријатот за европски прашања, Вицепремиерите одржаа заедничка прес конференција во Владата на Република Северна Македонија.
На прес конференцијата Вицепремиерот Маричиќ ја пренесе заедничката определба на двете држави што побргу да го завршат процесот за преговори за членство во ЕУ. Во продолжение интегралната изјава на Вицепремиерот Маричиќ.
„Откако на Самитот на ЕУ во Шпанија минатата година беше утврдена целта дека следното проширување на ЕУ е позиционирано до 2030 година, и откако Европскиот Совет донесе одлука да ги отвори пристапните преговори со Молдавија и Украина, Северна Македонија и Молдавија имаат заедничка цел. Со тоа стануваме и стратешки сојузници.
Република Молдавија сега го отпочнува скрининг процесот, додека ние го завршивме успешно во декември минатата година. Успешниот скрининг е резултат на ангажманот на речиси илјада владини претставници и експерти од академскиот и граѓанскиот сектор, за што добивме признанија од страна на Европската Комисија.
На колешката Герасимов ѝ пренесов дека Северна Македонија ќе им го стави на располагање сето знаење и искуство од овој процес на нашите колеги од пријателска Молдавија. Исто како што ние ја добивме поддршката од Хрватска и Словенија, Србија и Црна Гора.
Тоа е европската солидарност. Тоа е израз на пријателство и поддршка како европски вредности.
И двете држави сериозно претендираме на членство при следното проширување до 2030 година. Тоа проширување добива на значење и во забрзување заради геостратешките и безбедносните аспекти, Но, исто толку сме свесни дека за членство во ЕУ мора да ги исполниме и објективните критериуми и стандарди. Секоја земја одделно со своите специфики и перформанси е повикана да ги постигне тие стандарди, но споделувањето на искуствата на тој пат е од огромно значење и секогаш добредојдено.
Исто така, имаме сериозна намера и подготвени сме да ги извлечеме најдобрите придобивки од Планот за раст, кој треба да донесе дополнителна динамика во евроинтегративните процеси на земјите претенденти за членство во ЕУ.
Креиран, како финансиска и политичка инвестиција во регионот, Планот за раст со шесте милијарди евра за Западен Балкан е подадена рака за забрзување на процесот за членство до 2030 година. Тоа е брза лента на патот на евроинтеграцијата. Планот за раст бара реформи од државите и од владите, а придобивките се во системските промени кои ги обезбедуваме низ тие реформи, во финансиските пакети за земјава и во економската интеграција во единствениот европски пазар.
Мораме да останеме силно посветени на европската реформа агенда, зашто само на тој начин, токму преку Планот за раст ќе си обезбедиме слободно движење на стоки, услуги и работници, пристап до Единствената платежна област, олеснување на патниот транспорт, интеграција во индустриските синџири на снабдување, интеграција и де-карбонизација на енергетските пазари, како и во дигиталниот единствен пазар.
На овој пат до членството во ЕУ, сите земји кои се во преговори или се кандидати се соочуваат со предизвици кои бараат одговорни одлуки. Северна Македонија сега е пред таков предизвик. Ние нема да се откажеме од донесувањето на потребните одлуки за да ги продолжиме започнатите преговори.
Со колешката Герасимов се согласивме дека евроинтеграцијата е премногу важна цел за да се потклекне пред предизвиците. За двете земји членството во ЕУ е приоритет во остварувањето на врвните државни интереси.
Македонија
„Не е законски да не е осигурана Клиниката, за тоа треба да преземе одговорност менаџментот“, кажа Демири
Министерот за здравство Илир Демири кажа дека штетата на Токсикологија е покриена, откако имаше хаварија со цевката за парно.
„Клиничкиот центар има заеднички служби кои се наменети за тоа, тоа им е примамрна обврска да се грижат за Клинички центар и за сите хаварии што можат да се случат. Хаваријата со цевката за парно е санирана уште вчера од страна на заеднички служби“, рече Демири.
Дали е потпишан договор или не, тоа се интерни договори на Клиниките кои морам да ги проверам, додаде министерот.
Во однос на болничарот кој требаше да биде суспендиран, Демири кажа дека има една голема неправда направена на Токсикологија, а тоа е необезбедување на согласност од страна на менаџментот на таа институција за обезбедување договори за 18 вработени кои се дел од медицинските процедури, кои веќе 4 месеци служат на таа институција, а не добиваат никаква економска надокнада.
„Во тек е изборна кампања, не сакам да се прекрши ниту една законска процедура, чекам да дојде извештајот на Инспекцискиот надзор кој ги има обврзано во тек на 5 дена менаџментот да најде решание за 18 луѓе кои работат, а не добиваат надокнада. Не е законски да не е осигурана Клиниката, за тоа треба да преземе одговорност менаџментот“, кажа Демири.
На новинарско прашање, министерот одговори дека економската директорка оди на работа и не се паркира на влезот на Клиниката.
„Не се точни наводите дека доаѓала на работа по четири саати, според моите сознанија“, додаде Демири
Македонија
„Не е точно дека со ДУИ подготвуваме сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори“, кажа Ковачевски
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека не е точно дека подготвуваат со ДУИ сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај.
„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските инетеграции“, рече Ковачесвки.
Тој кажа дека никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат.
„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години. Очекуваме да ја добиеме поддршката во вториот круг. Нормално е дека нашето членство го повикавме на изборите. Свесни сме дека граѓаните испратија јасна порака до СДСМ, дека граѓаните укажаа на грешките. Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“, кажа Ковачевски.
Тој очекува во вториот круг поддршка од сите граѓани во Македонија.
Ковачевски кажа дека Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните, а не од претседателските кандидат коишто не се пласирале во вториот круг.
„Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај. Да избереме претседател на државата со којшто ќе имаме сигурна европска иднина и да избереме парламент што ќе носи храбри одлуки за државата, за да го дадеме на граѓаните она што го заслужуваат и очекуваат“, рече лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека со крената глава продолжуваат во вториот круг и знае од што се незадоволни граѓните.