Македонија
Македонија одбележува три години од смртта на Тоше Проески
Македонија денеска одбележува три години од загинувањето на Тоше Проески, еден од највлијателните пејачи во својата музичка историја.
Македонија денеска одбележува три години од загинувањето на Тоше Проески, еден од највлијателните пејачи во својата музичка историја.
Како што информираат од фондацијата што го носи неговото име, денеска напладне ќе биде осветен 33-метарскиот челичен крст, изграден во негова чест на месноста Вршник во близина на манастирот „Свето Преображение“ во Крушево. Во негова чест ќе се одржи литургија за помен во црквата „Св. Богородица“, а предвидена е и организирана посета на неговиот гроб на месноста Гумење во Крушево.
Тоше Проески утрото на 16-ти октомври 2007-ма година загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Загреб – Липовац, во близина на Нова Градишка, Хрватска. Веста со неверување беше примена во Македонија и на Балканот, а за неговото загинување известија бројни светски медиуми.
Телото на Проески вечерта на 16-ти октомври беше пренесено во Скопје, а следниот ден беше погребан во Крушево со највисоки државни и верски почести. Владата го прогласи Проески за Заслужен граѓанин на Македонија, а денот на погребот, 17-ти октомври, беше прогласен за Денот на национална жалост.
Загинувањето на Проески се случи на неполни две недели по неговиот последен, хуманитарен концерт одржан во Скопје под мотото „Образованието е одговорност на сите“. На него, Проески ги претстави својот последен издаден албум „Игри без граници“. Зад себе Проески ги остави и албумите „Некаде во ноќта“, „Синот Божји“, „Ако ме погледнеш во очи“, „Ден за нас“, „По тебе“ и „Божилак“. Постхумно беа објавени албумите „The hardest thing“ (Најтешкото нешто) и „Још увек сањам да смо заједно“ (Сеуште сонувам дека сме заедно).
Проески, роден на 25-ти јануари 1981 година, постигна голема популарност во Македонија и балканските земји. Во неговата биографија остана забележани настапот на Евровизија 2004 со песната „Ангел си ти“, победата на Беовизија во 2003-та со „Чија си“, прво место на „Славјански Базар“ во 2000-та година со „Тајно моја“, како и гранд-при наградата на Хрватскиот радиски фестивал со песната „Вежи ме за себе“ (Врзи ме за себе) во 2007-ма година.
Тоше Проески беше познат и по својата хуманитарна работа. Во 2004-та година беше прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ.
Во негова чест, во Македонија на два наврати се одржаа концерти – на 5-ти октомври 2008-ма, на годишнината од неговото загинување и во јануари 2009-та, во чест на неговиот роденден. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

