Македонија
13 лица со дрвени стапови и метални шипки нападнале криминалистички техничар, Обвинителството во Струмица спроведува истрага
Основното јавно обвинителство Струмица донесе наредба за спроведување истражна постапка против 13 лица за кои постои основано сомнение дека во соизвршителство сториле кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста според член 383 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Сите осомничени заедно, на 18 август, нападнале службено лице – криминалистички техничар во МВР – СВР Струмица, кој излегол на самото место во селото Баница за да фотодокументира пронајдени кошници со пчели – предмет на пријавено кривично дело кражба. Осомничените со дрвени стапови, метални шипки и други предмети најпрвин почнале да удираат врз полициското возило. Во еден момент, додека службеното лице се обидувало да се легитимира, еден од осомничените ја отворил возачката врата, насилно му ги одзел легитимацијата и мобилниот телефон, а потоа почнал да го удира со тупаници по главата и телото. Потоа го извлекле криминалистичкиот техничар од возилото, го турнале на земјата и продолжиле да го удираат со тупаници и со разни предмети. Во тоа се придружило и едно малолетно лице, против кое се води посебна постапка. Од ударите оштетениот добил повеќе тешки телесни повреди, известуваат од Обвинителството.
По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица донесе решение за кое на петмина од осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари: Се очекува до петок да се постигне финален договор за формирање на Влада
Претседател на Алијансата за Албанците и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари на новинарско прашање за преговорите за формирање Влада рече дека се очекува преговорите да завршат следната недела.
“Јас верувам дека следната недела преговорите ќе бидат завршени. Тимовите интензивно работат на владината програма, но истовремено верувам дека од понеделник ќе почне и поделбата на ресорите.”, рече Таравари.
Таравари е оптимист дека финален договор за формирање Влада ќе биде постигнат до петок.
“Во моментов е многу позитивна атмосфера, има разбирање од двете страни и многу сум оптимист дека до петок, ќе го имаме финален договор за идната влада“, изјави Таравари.
Во однос на случувањата во Управниот суд за донесување на решението за прегласување, Таравари рече дека претседателот на Управниот суд врши притисок врз судиите.
“Од утрото имам информации дека има вонреден притисок од претседателот на Управниот суд кој врши притисок врз судиите кои треба да го одработат предметот за прегласување”, рече Таравари, додавајќи дека судиите треба да одлучуваат непристрасно и правично.
Македонија
Понижувани сме и навредувани, стравуваме дека прозивките ќе преминат во лични напади, реагираат Даштевски и уште петмина од ДИК
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, и членовите Радица Ристеска, Оливер Ристовски, Борис Кондарко, Бобан Стојаноски и Абдуш Демири не се чувствуваат безбедно по постојаните напади за работата на ДИК по приговорите за парламентарните избори. Особено ги загрижува тоа што изјавите со напади на ДИК ги даваат политички партии и носители на високи функции.
„Ве известуваме дека покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите сме изложени и на неосновани и непримерни јавни политички притисоци и закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК. Покрај тоа, а следејќи ги контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, исто така сме загрижени и дека е можно тие да преминат и во лични напади на нашата сигурност. Ве известуваме дека ДИК во целост професионално, транспаретно и само врз основа на законот ги спроведе изборите, што е потврдено од сите домашни и меѓународни фактори“, велат од ДИК.
Нагалсуваат дека и покрај сите непријатности што ги имаат, со највисок степен на интегритет врз основа на јавна проверка на изборниот материјал, ДИК ги утврдила фактите и одлучувала по приговори поднесени од разни учесници за 110 избирачки места. Врз основа на образложени докази, усвоени се приговори за 7 избирачки места за кои ДИК смета дека има правен основ, а приговорите за другите 103 избирачки места се одбиени како неосновани. За одбиените приговори нема поднесено тужби ниеден учесник на изборите.
„За ДИК, неприфатливи и недопуштени се нападите, притисоците и мешањето на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада во изборните процедури, како и во работата и одлучувањето на ДИК и на Управниот суд. За сето ова, денес, на средбата во ДИК беше известена и амбасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР, Џилијан Стрик“, велат до ДИК.
Попладнево, претседателот на ДИК, Даштевски, заедно со уште петорица членови испрати соопштение до медиумите, во кое реагираат на навредите, а кое не е потпишано единствено од потпретедателката на ДИК, Дитмире Шеху.
Меѓународната заедница, денес, освен од ДИК, доби извествање за изборен инженеринг и од коалицијата „Европски фронт“.
„Овој обид за изборен инженеринг има цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политичкиот договор на маса. Кредибилитетот на изборите и на демократскиот процес беше прифатен и поздравен од сите партии и од меѓународната заедница. Отпосле, со политички договори и монструозен антидемократски план, зготвен во партиските штабови на ВМРО, ЛСДМ и ‘Влен’, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните. Седницата на Државната изборна комисија беше скандалозна демонстрација на прегласување и суспендирање на принципите на Охридскиот договор и предупредување за враќање на претходните системи. Неправедно и со надгласување, како во времето на монизмот во ДИК, донесена е одлука за прегласување на некои избирачки места во 5. и 6. зона, токму на избирачките места на кои победници се партиите што се жалат, а нивните гласачи се именување како крадци, со што се понижува целото гласачко тело“, рече Наим Бајрами и го повика Управниот суд да постапува законски, без партиски или политички директиви.
За изборен инженеринг пред три дена обвини и коалицијата „Храбро за Македонија“, од каде што велат дека им се украдени повеќе од 600 гласа, кои се додадени на коалициите „Вреди“ и „Европски фронт“. Од „Храбро за Македонија“ не поднесоа приговори за изборниот резултат, но најавија тужба во Управниот суд.
Македонија
Рама до Бугарија: Ја блокирате Северна Македонија за да покажете дома колку сте силни, политиката е антиевропска
Албанскиот премиер Еди Рама упати критики до официјална Софија и до сите ЕУ-членки што користат билатерални прашања за блокади на форум во Тирана организиран од „Солуција“, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите „Отворено општество“ и „Рокфелер“.
„Зошто ја блокирате Северна Македонија? За да покажете дома колку сте силни!“, порача Рама заклучувајќи дека политиките на блокади се ужасни, одвратни и антиевропски.
„Што ви е поентата? Што сакате да постигнете со блокадата на Северна Македонија? Што мислите дека ќе постигнете? Да падне поддршката во ЕУ, само тоа можете да го постигнете!“, ова е главната порака што албанскиот премиер Еди Рама ја испрати до Бугарија, но и до другите земји членки на ЕУ, кои користат билатерални прашања за да го блокираат процесот на проширување, денеска, во Тирана, на лидерскиот состанок, настан организиран од Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите „Отворено општество“ и „Рокфелер“.
„Ова е најантиевропска политика што може да се замисли, ова е најстрашен пристап кон нашата иднина и долгорочно ова е еднакво штетно и опасно и за нив, не само за нас. Ова е лудо! Целосно лудо! Што значи ова? Дека сега за секоја земја што сака да се зачлени може да се појави друга и да каже – не, првин да видиме кој беше овде прв, кога од мајмуни станавме луѓе, дали бевме ние или вие“, порача Рама и продолжи:
„Падот на поддршката кон ЕУ е резултат токму на ова ср..е! Национализмот ја киднапира ЕУ и ЕУ станува жртва на националистичките пориви на земјите, една, па друга. Решението е просто – не може билатералните прашања да блокираат! А ако некоја земја сака да глуми дека некое билатерално прашање е европско, тогаш мора да има барем уште една што ќе ја поддржува. Не може 26 земји да кажат – ова е билатерално прашање, една да тврди дека е европско и наеднаш тоа да стане европско. Наместо Бугарија да рече, добро, ние имаме проблем со Северна Македонија (иако јас не им го разбирам проблемот, искрено), ама ајде да го оставиме настрана, а преговорите и трансформацијата на земјите да течат, тие бојкотираат. Зошто ги блокирате самите преговори? Зошто блокирате реформи? Лудо! Одвратно!“, смета Рама.
„Истото ова се случи со Константинопол, додека Грците се занимаваа дали ангелите имаат секс, султанот ги освои. Така и ние сега, се занимаваме дали ангелите имаат секс во регион во кој баш и нема ангели, а опасностите се тука“, вели тој.
Албанскиот премиер порача дека опасно е кога минатото станува повлијателно од иднината:
„Морате да го погледнете минатото со очите на иднината, не обратно. Нашите проблеми во регионот почнаа тогаш кога добивме држави. Претходно тука си имаше луѓе што живееја заедно, без разлика на своите различности, тераа бизнис заедно, се женеа и мажеа меѓу себе, се разведуваа… Штом добивме држави, почнаа проблемите. Па, така, сега се занимаваме кои се мајката и таткото на Александар, кој е овој, кој е оној… какви глупости! Мислите дека обичен грчки таксист денес е навистина антички ексклузивен наследник на Платон? Јас не мислам. Ова се тешки глупости и сите ние се занимаваме со ова до точка кога нашата иднината е загрозена“, порача Рама.
Шефот на албанската влада, инаку, се обрати на настан организиран во Тирана од Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите „Рокфелер“ и „Отворено општество“.
На настанот, заедно со него, зборуваа и Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешни односи, Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка, и Даниела Шварцер, членка на француско-германската група за реформи на ЕУ, а настанот беше модериран од претседателот на „Солуција“, Никола Димитров.