Македонија
Орден за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Претседателот Црвенковски денеска во свечената сала во Парламентот ќе го одликува Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” со Орден „Република Македонија“
Кабинетот на Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски соопшти дека по повод 60-годишниот јубилеј на најстарата високообразовна институција во земјава го добива Орденот на Република Македонија за постигнатите исклучителни резултати во долгогодишната научна, наставна и апликативна дејност, давајќи значителен придонес за севкупниот развој и афирмација на Република Македонија како современа демократска држава во светот.Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е прв државен универзитет и во негов состав се 21 факултет и десет институти. На 16 април 1945 Президиумот на Народното собрание на Македонија бил овластен да изработи Закон за универзитет во Скопје. За краток период четиричлена Комисија, во состав Михаил Петрушевски, Харалампие Поленаковиќ, Ѓорѓи Шоптрајанов и Блаже Конески, поднела извештај до Министерството за просвета со заклучок да се отвори Универзитет во Скопје. Прва установа бил Филозофскиот факултет со два отсека – Историско-филолошки и Природно-математички. Факултетот свечено бил отворен на 29 ноември 1946 година, а првото предавање на 16 декември истата година го одржал д-р Харалампие Поленаковиќ.Во изминатите 60 години на УКИМ дипломирале над 123.000 студенти, специјализирале и магистрирале 5.500 постдипломци и докторирале 2.700 лица. Во првата година од почетокот на работата на првиот факултет (Филозофскиот) во учебната 1946/47 биле запишани 548 студенти. Првото наставничко јадро било создадено од наставници кои докторирале на универзитети во предвоена Југославија, на Балканот и во Европа и од истакнати средношколски професори. Кога бил основан, УКИМ имал 59 постојани наставници и 18 асистенти. Денес тој брои 1.299 наставни кадри, 775 помошни наставни кадри и 244 ангажирани во научните институти. Во изминатиот период Универзитетот станал расадник на кадри од кој подоцна се формирани и останатите државни и приватните универзитети во Македонија. Од кадарот на УКИМ во 1967 е формирана и Македонската академија на науките и уметностите.Денес на УКИМ во сите години студираат околу 35.000 студенти. Универзитетот ги следи светските тенденции во високото образование, реализирајќи ги реформите преземени со Болоњската декларација.Во своето шестдецениско постоење Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ добил две високи признанија – во 1969 година по повод две децении од постоењето со Указ на Претседателот на СФРЈ бил одликуван со Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда и со наградата АВНОЈ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.