Македонија
Атина бара објаснување околу изјавата на Меркел за грчкото вето
Атина, според електронското издание на весникот „Елефтерос типос“, е „бесна поради изјавите на германската канцеларка Ангела Меркел во врска со грчкото вето на приемот на Македонија во НАТО“.
Поради тоа грчката амбасада во Берлин побарала објаснување за изјавите на Меркел. Агенцијата „Макфакс“ ја пренесува изјавата на портпарол на грчката влада, според кого „има едногласен став на НАТО дека ако не се најде решение за прашањето на името, соседната држава не може да влезе во НАТО“. Меркел во владината изјава пред Бундестагот, во четвртокот, изјави дека не смее да се дозволи „некои да вметнуваат сопствени правила преку вето и стари размислувања“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
(Фото) Празничен викенд во Ѓорче Петров – магија, радост и заедништво
Празничната атмосфера оваа година започна токму од општина Ѓорче Петров, носејќи радост, среќа и заедништво за сите генерации. Викендот беше исполнет со низа активности кои внесоа празничен дух во секој агол на нашата општина, информира општината.
Во саботата, караванот „Зимска Бајка“ донесе магична празнична атмосфера во паркот на Ѓорче Петров. Најмладите преку детскиот музички фестивал „Соната“, кој оваа година одбележува значаен јубилеј – 15 години постоење, ги развеселија нашите најмлади жители. Под раководство на Александар Китевски и Розета Дулевска, фестивалот останува симбол на детскиот талент и љубовта кон музиката.
На дечињата во реонскиот парк им беа поделени новогодишни пакетчиња, се сликаа бесплатно со Дедо Мраз, а уживаа и во дружењето со веселите маскоти. Вечерта ја збогати настапот на детскиот хор „Поточиња“.
Музиката од изведувачите ДНК, Огнен Здравковски, Лина Пејовска и Андријана Јаневска ја задржаа весела и празнична енергијата во текот на целиот настан.
Во фокусот на празничниот викенд беа и постарите жители на општината. На сопствена иницијатива, берберите од нашето Ѓорче во неделата организираа бесплатна акција за шишање на пензионери и лица од ранливи категории.
Градоначалникот Александар Стојкоски изрази огромна благодарност до сите кои придонесоа за реализацијата на овој празничен викенд, со посебен акцент на хуманите сограѓани: Мики, Пеко, Нено, Боки, Даме, Спасе, Брицо Малеш, Љупчо и Аце Пекар, кои со својата посветеност покажаа што значи вистинска грижа за заедницата.
Во рамки на подготовките за Бадниковите поворки 2025, беа одржани и детски работилници кои прераснаа во вистинска лекција за љубов, вера и заедништво. Секоја активност, секоја изработена декорација и секој детски глас ја раскажуваше приказната за вредностите кои се негуваат уште од најмала возраст.
„Овие празнични денови покажуваат колку можеме кога сме обединети. Нашето Ѓорче Петров блеска со магијата на заедништвото, љубовта и искрените насмевки на сите генерации. Благодарен сум на секој поединец што придонесе да ја создадеме оваа прекрасна празнична приказна. Ве поканувам и во наредните денови да ја посетите нашата новогодишна елка која блесна во реонскиот парк и да ја споделите празничната магија со вашите најблиски“, изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
Македонија
(Видео) Божиќна честитка на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов
„Овие денови голема е радоста во срцата на христијаните токму поради празникот Рождество на нашиот Господ Исус Христос – Божиќ, со кој Бог стана човек и влезе во човечката историја за да го помири човекот со Бога. Затоа Божиќ е надеж за човештвото. Сигурен сум дека сите сакаме да се помириме со Бога и да црпиме благодати од заедништвото со Него. Но не е доволно да се помириме само со Бога, туку и со ближниот. Впрочем тоа е повикот на празникот Рождество Христово – Божиќ, тоа е повикот на Јубилејната година, која ја започнуваме, не случајно на Бадник, со отворањето на Светата врата во базиликата Свети Петар во Ватикан“, кажа Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов.
„А смислата на Јубилејната година е да продолжи во текот на целата година помирувањето на човекот со Бога и ближниот. И уште еднаш само потврдуваме, како Бог преку Црквата излева благодат врз благодат на човештвото, кое е тешко рането и крвави од војни, сиромаштво, глад, нерамномерна распределба на богатствата и ресурсите. И токму тоа му е потребно, односно помирување.
А со помирувањето можеме во нас да ја искусиме вистинската Божја радост, но затоа е потребно да навлеземе во суштината на таинството на Божиќ и смислата на Јубилејната година. Тогаш ќе можеме да ја откриеме и надежта која нема да нè изневери за да можеме да бидеме ходочесници на надежта во овој свет, надеж за сите оние кои минуваат низ одредени тешки животни ситуации. Да бидеме знаци на надежта за целото општество, богатите земји да ги отпишат долговите на сиромашните, да се отстранат причините за неправдите и да се нахранат гладните. Да бидеме знаци на надежта за единство на Црквата и славењето на празниците на ист датум да не биде случајност, туку исполнување на Божјата волја: Да бидеме едно!
Радоста и простувањето се неразделни – само кога ќе простиме, ќе ја почувствуваме вистинската слобода, радост и надеж, кои Христос со своето раѓање ги донесе во светот.
Посакувам овој Божиќ и Јубилејната година да ни донесат изобилен Божји благослов и надеж во иднината, имајќи ја сигурноста дека за нас Бог стана човек и е со нас – Емануел. Христовото раѓање нека ни донесе мир и благослов во нашите домови и во нашите семејства!
Честит празник Рождество Христово – Божиќ. Христос се роди-Славете Го!“, се вели во божиќната честитка на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов.
Македонија
„Ми се закани дека ќе ме убие“ – реални сведоштва на жртви на онлајн насилство дел од кампања на УНДП
Реални и автентични сведоштва на девојки и жени кои се соочиле со онлајн закани, уцени, вознемирувања и објавување интимни содржини на интернет без согласност се екранизирани во три видеа во рамки на кампањата „И онлајн насилството остава лузни“ што ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Преку видеата се доловуваат насилството, траумите и стравот со кои се соочуваат жртвите на насилство на интернет и се охрабруваат и информираат како да го пријават случајот во полиција.
Анкетата што ја спроведе УНДП, на која учествуваа 311 испитанички, покажа дека повеќе од 60 отсто од жените во земјава најмалку еднаш се соочиле со онлајн насилство, додека една од десет жени е жртва на злоупотреби на интернет секој ден. Сведоштвата на три девојки и жени од оваа анкета беа развиени во видеа со цел да се зголеми свесноста за присуството на овој вид насилство и да се информираат жртвите како да го препознаат и пријават насилството. Во видеата беа ангажирани три млади актерки кои ги пренесоа стравот и траумите со кои се соочиле жртвите.
„Многу ми е страв! Тој ми се закани дека ќе објави фотографии од мене како се туширам и сум гола на Фејсбук, без моја согласност.“
„Ме демнеше маж на социјалните мрежи преку лажни профили и ми ги следеше активностите на интернет. Ме уценуваше да се омажам со него за да запре демнењето и вознемирувањето. Ми се закани и дека ќе ме убие.“
„Имам 17 години. Група малолетни машки лица сексуално ме вознемируваа и снимката од тоа ја објавија на интернет.“
Онлајн родово – базираното насилство е секоја форма на демнење, вознемирување, закани, родово-базиран говор на омраза, споделување интимни содржини без дозвола, и во најголема мера е насочено кон жените и девојките. Овој тип насилство може да се пријави во полициска станица или на електронската адреса [email protected].
Кампањата „И онлајн насилството остава лузни“ се спроведува во рамки на проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“, кој УНДП го имплементира со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја.