Македонија
ДУИ бара реконструкција за посилна позиција во Владата
Позицијата на ДУИ во Владата треба да се зајакне, Охридскиот договор треба подобро да се имплементира, а ВМРО-ДПМНЕ треба да седне и на преговарачка маса со коалициониот партнер и за прашањето околу името доколку сака стабилност во власта
Ова се трите пораки кои ДУИ ги испраќа деновиве до најголемата владејачка партија, пред се’ почесто споменувата можна реконструкција во Владата по локалните и претседателските избори.Партијата на Али Ахмети на локалните избори ги изгуби Тетово, Гостивар и Арачиново, но тврди дека му помогнала на новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов на претседателските избори во однос на постигнување на цензусот од 40 отсто во вториот изборен круг. Тоа и кај двете најголеми колициони партнери во власта ја отвори дебатат околу можна реконструкција во Владата. Според извори од ВМРО-ДПМНЕ не е исклучено таа да се случи веднаш по ребалансот на буџетот, бидејќи и самиот Ахмети сакал да направи прераспределба во министерствата кои ги има неговата партија.„Во партијата не се дебатира за прашањето за излегување од Влада. ДУИ влезе во владата со полн легитимитет на своите гласачи, но секако може да се има дебата околу владините политики“, најави денеска пратеничката и потпретседателка на ДУИ, Теута Арифи.
Според нејзе позицијата на ДУИ во Владата треба да се зајкане. Арифи не е задоволна од примената на Охридскиот рамковен договор. Забелешките на ДУИ се во тоа дека во практика не се спроведуваат законите за употреба на албанскиот јазик, правичната застапеност, употреба на националното знаме и за двојазичните патокази. Но, токму кадар на ДУИ го води владиниот сектор за имплементација на Рамковниот договор. Името на вицепремиерот Абдулаќим Адеми веќе се споменува како едно од можните за реконструкција. Можно е тој да премие во кабиентот на новиот претседател Иванов, а на негово место да дојде Муса Џафери, министер за локална самоуправа, кој во времето на владата СДСМ-ДУИ веќе го водеше овој сектор, а и важи за поблизок човек до Ахмети.Во однос на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, од ВМРО-ДПМНЕ пак, одговораатраат дека институциите треба да продолжат да работат на негово спроведување особено во делот на правилна застапеност на етничките заедници.
Третото барање на ДУИ е во однос на спорот што Макеоднија го има со Грција за името. ДУИ бара брзо решавање на спорот за што побрза интеграција на државата во ЕУ и во НАТО.„ДУИ нема уште долго да стои со скрстени раце за евроатлантските процеси на земјава и смета оти не може бесконечно да траат преговорите за името. Имаме притисок од гласачите, а, од друга страна, за Албанците е многу битно Македонија што поскоро да стане дел од НАТО. Поради државниот интерес, сме подготвени да изгубиме политички поени, да жртвуваме дел од Охридскиот договор и да не притискаме на целосно спроведување на законите кои од него произлегоа. Нема да чекаме бесконечно и нема да прифатиме Албанците да бидат рамноправни во ЕУ, а дискриминирани дома“, изјави вчера Рафиз Алити, потпретседател на ДУИ и потпретседател на Собранието.Од ДУИ бараат владините коалициони партнери да седнат на преговарачка маса за името.„Не можам да кажам дека имаме срочен предлог, но наш голем интерес како политичка партија и како претставници на Албанците е брза интеграција“, изјави денеска Арифи.ВМРО-ДПМНЕ, пак позитивно ја оценува позицијата на ДУИ дека е подготвена да даде дополнителни предлози и идеи за побрзо решавање на проблемот со името. Од таму, посочуваат дека се отворени за сугестии и предлози од сите граѓани, институции и политички партии кои сметаат дека на некој начин можат да дадат предлог во насока на решавање на овој проблем, но и на сите други проблеми.„Интеграцијата на Македонија во НАТО и забрзувањето на процесите за ЕУ се врвен приоритет. Ние како партија апсолутно стоиме на тоа, поради тоа што како политика и како став го имаме долги години и поради тоа што над 90 проценти од граѓаните го поддржуваат евроатланскиот пат на Македонија. Ќе се обидеме да ги решаваме проблемите, не бегаме од нив и свесни сме за нивната тежина“, велат во владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

