Македонија
Грција осамена во нарекувањето на Македонија, ФИРОМ

Бескрајната осаменост на Грција во врска со именувањето на северниот сосед се покажа на неодамнешните собири на високо ниво на НАТО, на ЕУ и на Г-20, се наведува во анализата што ја објави, денеска, грчкиот весник „Елефтеротипија“
Во текстот со наслов Турција, Обама, ние и другите, се посочува дека сите држави ја нарекуваат Македонија со уставното име, а само за Атина таа е Скопје или ФИРОМ. “Американскиот претседател, Барак Обама, на роденденскиот самит на НАТО изрази желба „Македонија“ набргу да стане членка на Алијансата. И странскиот печат без чувство за историската вистина, говори иронично како за спор меѓу Грците и Македонците. Скопјаните, ако биде постигнат компромис за спорот, ќе продолжат да си ја нарекуваат земјата „Македонија“, како и повеќето држави во светот кои веќе навикнале да ја именуваат под тоа име, се наведува во анализата на Елефтеротипија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски ги прими акредитивните писма од новиот амбасадор на Индија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ги прими копиите на акредитивните писма од новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Индија за Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Арун Кумар Саху.
„На средбата беа истакнати традиционално добрите односи меѓу двете земји, како и заедничката заложба за нивно понатамошно продлабочување на билатерален и мултилатерален план. Министерот Муцунски и амбасадорот Саху разменија мислења за интензивирање на политичкиот дијалог преку посети на високо ниво, со акцент на развојот на економската соработка“, соопшти МНР.
Амбасадорот Саху го истакна приоритетот што Владата на Индија го придава на односите со нашата држава, нагласувајќи дека неговата мисија ќе биде насочена кон јакнење на трговијата, инвестициите, како и развојот на соработката во области како што се технологијата и туризмот.
Македонија
(Видео) Костова: Илјадници вработени оставени без плата

Илјадници вработени во јавниот сектор, во Култура, во Министерството за економија, Центрите за социјална работа, Пазарниот инспекторат, Трудовиот инспекторат, власта ги остави без плати, со недели после законскиот рок за исплата на плати, обвини потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
„Ова не е административен пропуст, ова е неспособност. Но ова е и директно кршење на законските права на работниците и понижување на нивното достоинство за што треба да има одговорност. Ја повикуваме трудовата инспекција сега да направи надзор во Министерството за економија и труд, како што поднесуват кривични пријави за други работодавци за неисплатени плати да поднесат и за министерот. Ете до каде не доведе власта на ДПМНЕ денес. Во Македонија веќе не се зборува за економски развој, не се зборува за поголеми плати туку за тоа дали Владата воопшто ќе успее да исплати плати“, рече Костова.
Дополнително, рече таа, власта го одложува и процесот на усогласување на платите и не ги почитува колективните договори во голем дел од институциите.
„Околу 60.000 вработени во јавниот сектор требаше да добијат зголемена мартовска плата за 12.6%, согласно Општиот коелктивен договор. Додека цените и сметките секојдневно растат, власта одбива одбива да ги покачи платите во различни сектори, одбива да ја зголеми минималната плата на 500 евра“, рече Костова.
Таа додаде дека СДСМ бара итна исплата на платите на сите вработени во јавниот сектор, одговорност за доцнењето и непочитувањето на законските обврски и да се обезбеди раст на минималната и просечната плата, во чекор со растот на трошоците за живот.
Македонија
Измами во давањето туѓа нега и инвалидски пензии, под истрага 49 лица, вмешани и лекари

Сузбиени две криминални групи, кои вршеле злоупотреби на постапката за стекнување право за туѓа нега и право на инвалидски пензии, поднесена e кривична пријава против 49 лица, лишени се од слобода 23, по едно лице се трага, соопшти Министерството за внатрешни работи.
По повеќемесечна предистражна постапка што се водеше во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера полицијата спроведе акција во која беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на Скопје, Велес, Тетово и на Гостивар.
Имено, во текот на 2023 година првоосомничената, порано вработена на Универзитетска клиника, заедно со други двајца осомничени, создала злосторничко здружение – група, која имала цел вршење кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањето, примање поткуп, давање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање награда за противзаконито влијание“. Во меѓувреме, припадници на групата станале уште деветмина осомничени, од кои двајца како лекари специјалисти биле претседатели на Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице во рамките на ЈЗУ Општа болница – Велес, а другите лекари специјалисти вработени во ЈЗУ Општата болница – Велес, Универзитетската клиника за неврологија – Скопје, ПЗУ – ординација за општа медицина и специјалистички ординации од Велес, адвокат од Велес и службено лице во ЈУ Центар за социјална работа – Тетово.
Поради стекнување противправна имотна корист, криминалната група од лица баратели на социјалното право, помош и нега од друго лице – туѓа нега, барала и примала парични средства – поткуп или награда за противзаконито влијание. За возврат организаторите и припадниците на криминалната група презеле противправни дејства на директно или индиректно давање или нудење парични награди, поткуп на службени лица, како и противправни дејства на директно или индиректно примање на парични награди или поткуп, со што на барателите им обезбедувале исполнување на условите за успешно водење на постапката за стекнување право на туѓа нега.
За остварување на право на туѓа нега тие ги пријавувале барателите што давале поткуп кај матични доктори што вршат дејност во Велес со цел надлежна за постапување да биде Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење при ЈЗУ Општа болница – Велес, чиј поранешен и актуелен претседател на Комисијата е член на групата. Така, членовите на групата, без присуство на лицата што давале поткуп обезбедувале фиктивни медицински прегледи кај матичните доктори, како и клинички или болнички прегледи кај лекари и медицински лица.
Воедно, осомничените со преземање противправни дејства изготвувале, обезбедувале и употребувале медицинска документација во вид на медицински упати, отпусни писма, медицински извештаи, контроли и контролни прегледи, психолошки тестови, конзилијарни мислења, потврди за медицински помагала и друга медицинска документација со невистинита содржина. Со преземените дејства осомничените ги заобиколиле одредбите од Законот за социјалната заштита, каде што се утврдени условите за добивање парична помош за туѓа нега и помош за лица со попреченост и неспособност за самостојно живеење. Припадниците на криминалната група влијаеле и овозможувале успешно водење на постапките и донесување одлуки во корист на барателите надвор од нивното место на живеење иако законски надлежна институција за водење на оваа постапка се центрите за социјална работа според местото на живеење на барателот.
Паралелно, во истиот временски период во текот на 2023 година вработена на Универзитетска клиника за уво, нос и грло – Скопје и член на Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност, односно неспособност за работа при Министерството за социјална политика, демографија и млади, заедно со првоосомничената и двајца други осомничени создале злосторничко здружување – група, која имала цел вршење кривични дела како и претходната група. Припадници на групата станале уште 12 осомничени, од кои тројца се припадници и на првата група. Оваа група континуирано ги извршувала кривичните дела, при што нејзините членови стекнале противправна имотна корист.
Организаторите и припадниците со координирани дејствувања барале и примале парични средства – поткупи од лица баратели на право на инвалидска пензија користејќи идентичен modus operandi како и првата група. Со преземените дејства осомничените членови на групата на барателите им обезбедувале исполнување услови за успешно водење на постапките за стекнување право на инвалидска пензија врз основа на која припадниците на криминалната група – членови во комисиите со искористување на своето реално влијание и службената положба овозможиле успешно водење на постапката за стекнување право на инвалидска пензија, како и донесување одлуки во корист на барателите на право на инвалидска пензија, кои дале поткуп.
Според дејствата содржани во диспозитивот на наредбата за спроведување истражна постапка, на другите осомничени им се ставаат на товар кривичните дела, и тоа: на три матични лекарки кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, 16 осомничени, кои понудиле и дале поткуп заради обезбедување медицинска документација со невистинита содржина, се осомничени дека сториле кривично дело давање награда за противзаконито влијание и кривично дело давање поткуп, а на девет осомничени, кои се согласиле и дале парична награда, на товар им се става кривичното дело давање награда за противзаконито влијание.
Во текот на денешниот ден осомничените се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд. Обвинителството, имајќи ги предвид кривичните дела сторени од секој осомничен поединечно, како и висината на запретените казни и исполнетоста на околностите за определување мерки за обезбедување, за 12 осомничени предложи определување мерка притвор, за три лица мерка куќен притвор, а за другите лица се предложени мерки на претпазливост.