Македонија
Наместо веронаука, часови со психолози и педагози
Наместо веронаука, учениците до 5 јуни ќе посетуваат часови, кои ќе ги водат стрчни служби во училиштата, педагози и психолози, на теми од екологија, мирно разрешување конфликти и слично
Министерството за образование и наука ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд за укинување на членот 26 од Законот за основно образование со која се укинува можноста за реализирање на наставата по веронаука. Наместо веронаука, до 5 јуни ќе спроведуваат часови во кои ќе се реализираат активности од страна на стручните служби во училиштето, односно педагозите и психолозите. Mинистерот за образование и нака, Перо Стојановски, информира дека во соработка со Бирото за развој на образованието веќе се изготвени измени на наставните програми со цел учениците до крајот на годината да ги реализираат преостанатите 12 часа, бидејќи нема можност за реализација на наставата по предметот веронаука. Како што појасни директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, на тие часови ќе се разговара за мирно разрешување на конфликти, подобрување на комуникацијата, проекти од екологија, додека за предметот запознавање со религии рече дека не се третира како веронаука и учениците ќе продолжат со реализацијата на часовите и ќе добијат оценки за него.“Со одлуката на Уставниот суд, сите 110 професори кои беа ангажирани во воспитно образовниот процес за реализација на наставата по предметот веронаука ќе мора да останат без работа, а учениците кои ја посетувале наставата по веронаука нема да имаат оценка во свидетелство по овој предмет“, рече министерот Стојановски на денешната прес-конференција.Учениците ќе имаат една оценка помалку во свидетелствата што до сега никогаш не се случило, затоа што небил укинат наставен предмет во текот на учебната година. Кога министерството за образование и наука и Владата ја воведувале веронауката во образовниот процес сакале да се афирмираат позитивните вредности, а не да се наруши секуларниот карактер на државата. Стојановски најави дека Министерството во дополнителни консултации со сите релевантни фактори и стручни служби ќе излезе со конкретно решение дали во иднина ќе се продолжи со часови по веронаука и дека овој предмет го смета за потребен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 15 февруари трае трката за „Млад инженер на годината“: повик до младите таленти до 35 години да се пријават
Инженерската институција на Македонија информира дека повикот за пријавување на инженери за избор за наградата Млад инженер на годината трае до 15.02.2026 година (недела). На овој повик може да се пријават сите млади инженери до 35 години (вклучувајќи и 35 години) на следниот ЛИНК.
Како што потврдуваат од ИМИ, освен возраста, новиот Млад инженер ќе се избира согласно постигнатите инженерски резултати во 2025 година, лидерството и инспирацијата за младите; креативноста и иновативноста; споделувањето знаење, ангажирањето во заедницата и општествено и етичкото влијание на околината.
Свеченото прогласување на новиот млад инженер ќе се одржи на 31.03.2026 година во Холидеј ин. Повод за доделување на признанието е 21 март – Денот на македонските инженери. Целта на оваа иницијатива е да се промовираат младите инженери на национално и меѓународно ниво што ќе придонесе младите луѓе да се насочуваат кон инженерска професија.
Новиот Млад инженер ќе учествува на Европската конференција на млади инженери. Согласно правилата, од сите пријавени кандидати, во потесна селекција ќе бидат избрани 5 лица за кои гласа Комисија на ИМИ и од нив се избира победникот.
Минатата година со ова Признание се закити Филип Попоски од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Партнер на настанот е Друштвото за комуникациски менаџмент Чептер 4.
Македонија
Мицкоски: Заедничка изјава и рамка за договор за балансирана трговија со САД и за царински тарифи на одредени производи и индустрии до 0%, ова е политика на конкретни резултати
Продлабочување на стратешко партнерство со САД: силна поддршка и нови економски перспективи за Македонија.
По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа изјава, додава тој, претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа, како што вели, го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст.
„Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција.
Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“.
Македонија
Ова е веќе ВМРО-ОКГ, нема демократија ниту во името, велат од СДСМ
Сопруга на градоначалник на ВМРО назначена за член на Судски совет. Советник на Мицкоски во Уставниот суд. Татко на министер е советник во Владата Мицкоски, истакнуваат од СДСМ.
„161 тендер за семејната фрима на Томовски, каде е неговиот татко но и негов близок роднина.
51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините. А тендерските шеми со поврзани фирми водат до таткото на Нелоски, шефот на кабинет на Мицкоски.
Во Алта Банка цела структура на ВМРО. Од Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО па до баџанакот на Тошковски.
Во Народна банка, за Гувернер, наместо експерт – Трајко Славески, поранешен министер во времето на Груевски.
На чело на АНБ, претседателот на Градскиот комитет на ВМРО.
Томовски назначен за втор организациски секретар во ВМРО, да организира тендери.
Сменети сите потпретседатели во ВМРО, останат е само чуварот на фотелјата Мицкоски“.
Ова, додаваат од СДСМ, не е само непотизам и партизација, ова е ОКГ – Организирана криминална група.
„ВМРО-ОКГ. Нема демократија ниту во името.
Македонијо, 2016 ни чука на врата, ни се враќа Никола Груевски“.

