Македонија
Словенија силен поддржувач на Македонија за членство во НАТО и ЕУ

Словенија и натаму е силен поддржувач на аспирациите на Македонија за членство во Европската унија и НАТО
Билатералните односи како на политички, така и на економски и културен план, се многу добри, оценија претседателите на двете земји, Данило Тирк и Ѓорге Иванов по денешната средба во Љубљана.“Словенија ја поддржува Македонија во нејзините напори за приближување кон Европската унија и НАТО и со практични совети и помага да ги исполни обврските за полноправно членство. Љубљана е доследна во поддршката и секаде каде што има можност се обидува да го забрза патот на евроатлантските интеграции на Македонија“, изјави словенечкиот претседател Тирк на прес-конференцијата по средбата со Иванов.Тирк е задоволен од напредокот што го прави Македонија во евроинтегративните процеси и се надева дека во октомври годинава, Европската унија ќе даде позитивни оценки. Според него, може да се очекува и визна либерализација за македонските граѓани. Тирк смета дека решавањето на некои регионални проблеми, како статусот на Босна и Херцеговина, проблемот за името со Грција и словенечко-хрватскиот граничен спор, можат да придонесат за побрзо интегрирање на земјите од ЈИЕ во ЕУ и НАТО.“Ме радува што Македонија смета дека треба да се најде разумен компромис за спорот за името со Грција и дека ќе се гради перцепција како тој компромис да се пронајде. Ги поддржуваме напорите на медијаторот, Метју Нимиц, и се надевам на напредок во наредните месеци. Сметам дека е дојдено времето овој долгогодишен проблем да се надмине“, рече Тирк. Тој предупреди дека треба да се внимава како се користат некои имиња, како на пример Александар Велики за дополнително да не се комплицира проблемот.“Словенија секогаш била со нас и ги поддржувала нашите напори да бидеме член на НАТО и ЕУ. Со Словенија не врзуваат многу работи, но иако имаме одлични односи мислам дека постои простор за продлабочување на соработката особено на економско и на културно поле“, рече Иванов.Македонскиот претседател очекува преговорите за проблемот за името со Грција да се интензивираат по изборите кај јужниот сосед. Иванов се сретнал со преговарачот, Зоран Јолевски, премиерот, Никола Груевски, и шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски, на кој биле договорени принципите за изнаоѓање решение.Одговарајќи на новинарско прашање во врска со поврзаноста на проблемот со името и граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска, претседателот Иванов рече дека Македонија со Грција има потпишано Времена спогодба според која Атина не смее да го попречува македонското зачленување во меѓународните институции под привременото име, што го прекрши во Букурешт, а Словенија, како што рече, нема преземено никаква обврска за граничниот спор.Иванов се сретна и со претседателот на Парламентот на Словенија, Павел Гантар, и со словенечкиот премиер, Борут Пахор. На средбите присуствуваше и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски. За попладне е закажана средба со словенечки стопанственици и со македонски иселеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Охридскиот рамковен договор е важен документ кој донесе мир и ги отвори вратите кон евроинтеграциите

„Рамковниот договор, потпишан на денешен ден пред 21 година во Охрид, стави крај на конфликтот од 2001 година и отвори почеток на ново поглавје во политичкиот живот на Македонија. Охридскиот рамковен договор е важен документ, неиздвоив дел од историјата на државата, договор, кој донесе мир, правична застапеност на заедниците во општестениот живот, соживот во мултиетничкиот карактер на македонското општество. Тој е патоказот кон стабилната иднина, документ кој ги отвори вратите кон евроинтеграциите на државата и пример за надминување на поделбите“ соопштија од СДСМ.
Од партијата велат дека „државата во изминатите две децении се издигна над поделбите, во општество пример за соживот, толеранција, социјална правда, еднакви можности за сите граѓани“.
„Денеска, благодарение на одговорните и државнички политики на СДСМ, Република Северна Македонија го живее концептот „Едно општество за сите“, како полноправна членка на НАТО, со започнати преговори за членство во Европската унија. Денес нашиот територијален интегритет е заштитен од најмоќниот сојуз на светот, денес државата е еднаква со демократскиот свет. По 21 година од потпишувањето на Рамковниот договор нема делби, туку инклузивно и мирно решавање на сите предизвици, посветеност на економскиот напредок и благосостојбата на сите граѓани“ велат од владејачката партија.
Македонија
Пендаровски: Клучните придобивки од Рамковниот договор беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со порака:
„Пред 21 година, во Охрид, претседателите на четирите тогашни најголеми политички партии заедно со претседателот Борис Трајковски и претставниците на ЕУ и на САД го потпишаа Рамковниот договор кој ја спречи натамошната ескалација на конфликтот и донесе мир и стабилност како предуслови за натамошен демократски развој на македонското општество.
Клучните придобивки од договорот беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата. Со него се поставија и темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници.
Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците.
Денес, кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.
Сите наши напори во иднина да ги насочиме кон многу посилен економски развој, квалитетно образование и здравство, и здрава животна средина во која ќе постојат сите претпоставки за секој наш граѓанин да ги реализира своите амбиции и потенцијали“.
Македонија
Бочварски: Започнавме со рехабилитација на транзитот низ Штип

Владата преку Министерството за транспорт и врски, како најголем инвеститор во земјата и поддржувач на општините, работи активно во реализација на транспортната стратегија, а тоа е изградба и модернизација на патната инфраструктура низ целата држава, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта, Костадин Ацевски, извршија увид во рехабилитација на транзитот низ Штип.
Транзитот низ Штип се рехабилитира со средства обезбедни преку Јавното претпријатие за одржување на регионалните и магистрални патишта, во соработка со Министерството за транспорт и врски, во висина од 20 милиони денари.
„Особено ми е драго што започнавме со рехабилитација на овој патен правец. Како што ветивме пред граѓаните, еве денеска тоа го гледаме на дело, започнуваме со гребење на оштетениот асфалт и поставување на комплетно нов слој асфалт, инвестиција во висина од над 20 милиони денари преку централната власт, со што обезбедуваме побезбедно патување на нашите граѓани. Во изминатиот период реоконстуриравме транзити и низ други градови во земјата Виница, Делчево, Охрид, Крушево, а наскоро започнува и реконструкцијата на транзитот низ Тетово. Сакам да ги уверам сите граѓани дека сме максимално посветени во исполнувањето на нашата цел, а тоа е безбедна и модерна патна инфраструктура низ целата земја“ – изјави министерот Бочварски.