Македонија
Отворена Дигиталната библиотека на Македонија
Во состав на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје на површина од 3.300 квадратни метри во неделата беше отворена новата дигитална библиотека на Македонија за која македонската Влада издвои 120 милиони денари
Библиотеката ја отвори премиерот Никола Груевски, а на свеченоста присуствуваа и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, министерот за образование и наука Перо Стојановски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.„По повод празникот Свети Кирил и Методиј денеска го извршивме отворањето на новата зграда на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ која доби два ката депоа што многу недостасуваа, бидејќи имаше голем број материјали, книги и ракописи што досега се чуваа несоодветно и поради недостиг на простор се уништуваа“, рече на отворањето премиерот Груевски.Геувски додаде дека се очекува поврзување со европската и светската дигитална библиотека со што за македонските граѓани достапни ќе станат милиони книги и вредни дела.Целта на дигиталната библиотека е да го заштитува и презентира сето она што Македонија го поседува како книжно културно наследство. Во неа ќе бидат сместени само ретки збирки што се книжно културно наследство, како археографската која опфаќа книги и ракописи, ориенталната, ретката периодика и музичката збирка.Министерката Канческа-Милевска во своето обраќање истакна дека отворањето на библиотеката е зафат со кој на бесценетото книжевно богатство што го поседува Македонија ќе му се гарантира дополнителна сигурност и зачувување во ризницата на македонската меморија. „Изградбата на Дигиталната библиотека претставува врв на ова наше настојување, кое, убедена сум, ќе даде особени резултати во презентацијата, заштитата и користењето на богатото национално книжевно наследство – низ својата дигитална форма. Современите стандарди пропишани за дигиталните форми во доменот на нивното сместување, чување, заштита и користење ќе бидат запазени во новиот објект на Националната библиотека. Конечно ќе се создаде дом со големи техничко технолошки можности, и што е од голема важност, депо, во кое што вредната книжнина која досега беше лоцирана на повеќе места во државата, во најсовремен формат ќе остане за генерациите кои ние сигурно нема да ги познаваме, но доволно е тоа што на овој начин тие ќе не’ запознаат нас… Овој проект има извонредно значење затоа што носи двојна придобивка – преку дигиталната библиотека, светските научни и културни вредности ќе бидат достапни за македонската јавност, а со тоа пошироката стручна и научна публика добива можност нив да ги користи и да ги примени во развојни и научни цели за развојот на нашата земја. Република Македонија, како источник на словенската писменост, земја во која книгата и пишаниот збор отсекогаш имале „тежина на еден живот“, има цивилизациска обврска да го сподели со светот она што го поседува.. Капиталните инвестиции во областа на културата се влог во иднината на Република Македонија. Музејот на вода, Спомен куќата на Мајка Тереза, кои ги промовиравме пред македонската јавност, а сега и доградбата на Националната библиотека, како и низата проекти кои се во фаза на реализација се цврста основа на архитектониката на македонската култура и традиција, која за секоја од овие дејности добива своја физичка адреса. Тоа е она со што ги стимулираме и сегашните и идните генерации да создаваат нови вредности кои ќе бидат дел и сопственост на современа Европа. Наша обврска е да се зачуваат минатото и меморијата на современата цивилизација за идните поколенија“, рече меѓу дргуото министерката Канческа-Милевска. Новата дигитализирана и виртуелна библиотека ќе има и тренинг-центар за обука на библиотекарите и на сите заинтересирани посетители. Објектот е пуштен во употреба 11 месеци по поставување на камен-темелникот. По пристигнувањето на опремата која се очекува, библиотеката ќе биде отворена за сите заинтересирани посетители. Директорот на библиотеката Миле Бошевски при денешната свеченост на премиерот Груевски му ја додели Светиклиментовата статуетка за афирмација на националното книжевно богатство преку проекти, додека на министерката Канческа-Милевска и беше врачена позлатена плакета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Сопственикот на илегалната дрога, рамо до рамо со Венко Филипче, јасно е кој седи позади дрогата
Со денови ги слушаме СДС и Филипче, во прашална форма како лажно ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за некаков шверц на дрога, па го мешаат Томовски, и кој се уште не, но, еве ја вистината на дело.
Откриваме фрапантен податок и фотографија, која покажува директна инволвираност на Венко Филипче со шверцот на илегалната дрога. Венко и газдата на фабриката со илегалната марихуана – еден до друг, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче на телевизиско интервју, кажа дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на Фирмата „ЦБД Медплант“ и поранешен функционер на СДС, Тони Котев, а како што гледаме на сликата тие двајца добро се познавале и соработувале.
Венко Филипче и Тони Котев, рамо до рамо еден до друг.
Венко Филипче и СДС, наместо секојдневно да прашуваат и да шират невистини и манипулации, треба да одговорат на вистинското прашање, зошто се толку потресени и толку силно водат кампања за овие заплене на околу 30 тони дрога? Дали во СДС се исплашени затоа што Филипче и Заев се вмешани во трговијата со дрога? Затоа ли Филипче добро знае колку камиони требаат за одредена количина на дрога? Затоа ли во 2023 година го променија правилникот за одгледување на канабис? Колку милиони требале да заработат и на овој криминал“.
Според него, каде има чад, има и оган.
„Каде има криминал и корупција, таму се и Филипче и Заев. Ако порано се велеше дека сите патишта водат кон Рим, денес сите патишта за криминал и корупција, водат кон Филипче и Заев“.
Го повика ЈО, да ја истражи поврзаноста на Филипче и Заев, во случајот со 30-те тони запленети дрога.
Македонија
(Видео) Македонија на чекор до историски трговски договор со САД, рече Стојаноски
Македонија е на чекор до потпишување историски трговски договор со Соединетите Американски Држави, објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека се работи за „историски успех за македонската Влада и дипломатија“.
Како што информира Стојаноски, доцна синоќа Белата куќа објавила Заедничка изјава за реципрочна трговија помеѓу САД и Македонија, со која се најавува рамка за договор со царински тарифи до 15%, а за одредени производи и 0%.
„Се идентификуваат производи коишто ќе добијат до 0% реципрочна тарифа, што значи дека за дел од клучните индустрии и производи царинските тарифи ќе се намалат до нула“, рече Стојаноски.
Според него, ова претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и економската соработка меѓу двете држави. Договорот, како што рече, на македонските компании ќе им обезбеди конкурентска предност, регулаторна сигурност, предвидливост и посилна позиција на американскиот пазар.
„Во овие непредвидливи глобални времиња се зачувани илјадници работни места, а се испраќа и сигнал за политичка и економска стабилност на нашите односи со официјален Вашингтон“, додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, Стојаноски истакна дека документот е доказ за неоснованоста на критиките од СДСМ дека Владата нема надворешен план или визија. Целта на Владата, рече тој, е повеќе извоз, инвестиции и добро платени работни места дома.

