Македонија
Црвенковски и Груевски ќе договараат преговарач за името?!
Државниот врв утре на средба во кабинетот на Црвенковски ќе одлучува кој ќе биде новиот преговарач во спорот за името меѓу Грција и Македонија, откако Претседателот пред две недели го разреши Никола Димитров од функцијата
Името на преговарачот кој во придружба со Мартин Протoѓер ќе треба да ја застапува Македонија во преговорите за спорот за името што се водат под покровителство на ОН во Њујорк се уште не е договорено. Пред неколку дена неколку пишани медиуми повикувајќи се на владини извори, како потенцијални преговарачи ги споменуваа имињата на Благоја Ханџиски, македонскиот амбасадор во Грција, Зоран Јолевски, амбасадор во Вашингтон, и професорот Ѓорѓе Иванов. Владата денеска преку соопштение ја демантираше ваквата листа. „Досега не е подготвена куса листа и не се точни известувањата за кое било од трите имиња кои се спомнуваат во текстовите“, се вели во соопштението на Владата. Оттаму додаваат дека се уште е во тек постапката и деталната анализа на кандидати за иден преговарач. Дека нема конечно име, потврдува и министерот Антонио Милошоски. „Владата се уште размислува кој ќе ја застапува Македонија во спорот со името. Постапката е во тек. Неколку имиња доаѓаат предвид“, изјави Милошоски на денешното засадување на дрвца заедно со дипломатскиот кор не откривајќи ги имињата на оние кои влегле во потесниот круг на селекција. Инаку, изборот ќе треба да го направи Груевски. Номинирањето се одложи поради неговиот минатонеделен пат во САД. Кој и да биде избран, овластувањата да преговара во името на Република Македонија официјално ќе ги добие кога претседателот Бранко Црвенковски ќе го одобри предлогот на премирот. Со поставувањето на преговарач Македонија ќе може брзо да се врати на преговорите со Грција кои ги напушти откако Црвенковски го разреши Димитров од оваа позиција. „Ќе гледам се да се заврши во најскоро можно време бидејќи имаме определба во пријателски дух со Грција да ги продолжиме дијалозите околу спорот за нашето уставно име“, најави Милошоски. Освен, прифатената обврска да преговара, дополнителен притисок за поинтензивни преговори и конечно решавање на проблемот, Македонија има и од американската администрација во заминување. Вашингтон во четвртокот испрати јасна порака дека САД нема да го променат ставот околу уставното име на Македонија со доаѓањето на Барак Обама во Белата куќа, но и дека е во дипломатска офанзива прашањето да се реши до декември. „Нашата позиција за прашањето за името е добро позната. Сакаме да го видиме решено. Во тек се дипломатски активности во обид да биде решено, но не би сакал да коментирам ништо повеќе“, изјавил Роберт Вуд, заменик-портпарол на американскиот Стејт-департмент на редовниот брифинг во Вашингтон. Црвенковски му го даде отказот на Димитров јавно на собраниската седница на која се расправаше за Резолуција за национална стратегија за името, а образложението беше дека тоа го прави со цел да се надминат разликите помеѓу него и Груевски во спорот со името, како и тоа дека дуализмот во преговорите со Мартин Протоѓер нанесува штета. Владата, пак, одговори дека токму повлекувањето на Димитров ја остава Македонија „без свој адвокат“ во преговорите. Утрешната средба на државниот врв доаѓа по речиси еден месец пауза од средбите на премиерот и претседателот со преговарачите на кои се координираше ставот околу последниот пакет на идеи на медијаторот на ОН, Метју Нимиц. Разрешувањето на Димитров, следеше откога двајцата преговарачи во Њујорк му ги пренесоа ставовите на посредникот дека неговиот последен предлог е речиси неприфатлив во делот на идентитетот т.е. јазикот и националноста која ќе биде впишана во графите на Обединетите нации. Забелешки на предлогот „Северна Македонија“ даде и официјална Атина. Според дипломатски извори, двете страни треба да очекуваат нов сет идеи наредниот месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

