Македонија
Шутановац: Решението за Косово треба да биде безбедно за граѓаните
Министрите за одбрана на Македонија и на Србија, Зоран Коњановски и Драган Шутановац денеска потпишаа Спогодба за соработка во областа на одбраната
Соработката меѓу министерствoto за одбрана на Македонија и соодветното српско министерство ќе се продлабочува и со можност за студирање на питомци од Македонија на Воената академија во Србија, каде минатата година се школувале околу 140 питомци и офицери од странски држави. Министрите Коњановски и Шутановац ја се договориле за воено – економска соработка во областа на воената индустрија, каде Србија изрази подготвеност да ги користи македонските можности, но исто така договориле и соработка во военото здравство. Инаку, како што информираше српскиот министер за одбрана, Шутановац, Србија минатата година имала извоз од военото вооружување и опрема околу 400 милиони американски долари. Од оваа година во склоп на Воената академија во Србија, прв пат почнува со работа медицинскиот факултет, каде ќе бидат запишани 200 кандидати што ќе се школуваат за воени лекари. Двајцата министри заклучиле дека и двете земји треба колку е можно побрзо да се најдат на белата шенген листа и да станат полноправни членки на ЕУ.Коњановски, по средбата, ја изрази поддршката што Македонија ја дава за евроатлантските процеси на Србија, преку своите досегашни искуства, но и поддршката за членството на Србија во СЕДМ процесот (Процесот за соработка во ЈИЕ во одбраната).“Не сакаме да водиме грижа само за дел од Регионот, туку го гледаме како целина која треба да се придвижува кон евроатланствските интеграции, е пораката упатена од министрите за одбрана на земјите од регионот“, изјави Коњановски по средбата.Според министерот Шутановац, без разлика на тоа што живееме во различни држави, кои се разделени со административни граници, безбедносните ризици се заеднички. Затоа, смета Шутановац, потребна е посилна соработка за спречување на сите прекугранични предизвици и закани, кои според него се асиметрични предизвици на Балканот, а не воени, затоа што Балканот се наоѓа на патот на трговијата со наркотици и луѓе, но и на оние што се заинтересирани за ширење на верски екстремизам во регионот. Тој смета дека треба што побргу таквите појави да се детектираат, да се откријат и да се спречат.“Македонија и Србија не се согласуваат во врска со решавањето на косовското прашање, но се согласуваат дека секое решение треба да биде безбедно по граѓаните и за регионот. Заеднички интерес за целиот регион е тоа прашање треба да се решава по мирен пат“, рече Шутановац. Министер за одбрана на Србија, Шутановац, денеска ќе биде примен од претседателот на државата Ѓорге Иванов и од премиерот Никола Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

